Надал не се предава, тргна по подвиг што последен пат го приреди пред 15 години

Рафаел Надал беше на работ на пораз од 0:3 против Данил Медведев во финалето на Австралија опен, но успеа да се спаси и да намали на 1:2 во битката за тениската круна во Мелбурн.

Голема битка се бие на Централниот терен во Мелбурн парк, а Медведев имаше две брејк шанси во третиот сет при позитива од 3:2 за да стаса на чекор до победа, но не успеа.

Надал се спаси и потоа тој направи клучен брејк за 5:4, па со сигурна игра потоа и го одбрани својот сервис за прв сет што го освојува против Медведев во финалето.

Првите два сета ги доби Медведев со 6:2 и 7:6, а интересен момент имаше во тај-брејкот.

При резултат од 5:3 во поени за Надал, на терен влета активист за човекови права со транспарент за поддршка на имигрантите во Австралија.

Тоа како да го деконцентрира Шпанецот, па до крајот на тај-брејкот не освои ниту еден поен, а Медведев со серија од 4:0 стаса и до предност од 2:0 во сетови.

Шпанецот трипати во кариерата успевал да победи по негатива од 0:2 во сетови, а последен пат тоа се слули пред 15 години на Вимблдон, кога го победи Михаил Јужни со 3:2 во четвртото коло.

Надал игра за рекордната 21-ва гренслем титула, а Медведев би бил првиот тенисер во модерната тениска ера од 1968 година што првите две гренслем титули ги освоил едноподруго на два последователни гренслем турнири.

 

- Оглас -

Најнови вести