Надал откри колку време ќе треба да паузира

Рафаел Надал самиот го прекина победничкиот поход на гренслем-турнирите оваа сезона. По титулите освоени на Отвореното првенство на Австралија и Ролан Гарос, Шпанецот одлично играше и на Вимблдон, стигна до полуфиналето, но тука се откажа.

Најтрофејниот тенисер по бројот на гренслем-титули мораше да се откаже откако лекарите на последната контрола потврдиле дека Надал има седум милиметри дупка во стомачниот мускул. Со една таква повреда Надал успеа да го победи Американецот Фриц во четвртфиналето, но самиот тенисер проценил дека нема да има шанси да слави и во следните два меча на Вимблдон, па се повлече.

Според најавите, Надал сега го чека пауза од три до четири недели, што значи дека би требало да биде подготвен за последниот гренслем-турнир кој започнува во Њујорк на 29 август.

„Проблемите во делот на абдоменот ги имам повеќе од една недела, но некако беа издржливи. Сепак, по последните прегледи, таа мала работа која правеше проблеми почнала да се зголемува. Сакам да бидам надвор од теренот во следните три-четири недели и се надевам дека тоа ќе ми биде доволно за потоа да продолжам да играм“, рече Надал.

По откажувањето на Надал, директно место во финалето на Вимблдон си обезбеди Ник Кирјос, кој ќе игра со подобриот од дуелот Новак Ѓоковиќ – Камерон Нори.

- Оглас -

Најнови вести