Најдобар асистент е во Европа, но со 30 години е престар да игра за репрезентацијата

Селекторот на германската селекција Јоаким Лев уште минатата година од репрезентативниот список ги избриша Томас Милер, Жером Боатенг и Матс Хумелс. Главната причина поради која овие тројца беа „прешкртани“ е тоа што Лев сакал да направи подмладување на националниот тим.

Милер сезонава блеска во дресот на Баерн Минхен и многумина очекуваа негово враќање во германскиот дрес. Сезонава тој има 18 асистенции за гол и е најдобар во цела Европа, а има постигнато и седум погодоци, па е еден од најзаслужните што Баерн Минхен е лидер во германското првенство.

Офанзивниот играч за врска цели 10 години беше дел од германската репрезентација и одигра точно 100 меча во кои даде 38 голови. Со 10 погодоци на Светските првенство во 2010 и 2014 година тој е на осмото место на листата на најдобри стрелци во историјата на Мундијалите.

И покрај бројките од минатото, но и формата во која моментално се наоѓа Милер, сепак Лев не планира да го повика играчот кој наполни 30 години и го смета за стар во репрезентативниот дрес, а тоа го потврди и директорот на националниот тим Оливер Бироф.

„Среќен сум поради формата во која игра Томас. Одличен е оваа сезона, но Лев донесе одлука. Играчите кои во последно време беа на списокот на националниот тим ја имаат довербата кај селекторот. Се фокусираме на помладите фудбалери“, објасни Бироф.

 

- Оглас -

Најнови вести