Најголем дел Германци вечерва ќе навиваат за Тотенхем

Откако беше формиран во 2009 година, клубот Лајпциг е најомразениот меѓу љубителите на фудбалот во Германија. Вечерва Лајпциг игра осминафинале од Лигата на шампионите, но најголем дел од Германците нема да сакаат овој тим да го елиминира Тотенхем и да се најде во четвртфиналето.

Клубот ССВ Маркранштед, кој играше во петта лига и за него не се знаеше многу ниту во областа Саксонија, од каде што доаѓа, беше купен од гигантот за енергетски пијалоци Ред Бул, кој веќе ги имаше фудбалските клубови од Салцбург и Њујорк. Клубот доби ново име, целосно се ребрендираше и постојано напредува. Во моментов Лајпциг се бори за титула во Бундеслигата, а првпат стигна и меѓу 16-те најдобри во Европа. Годишниот буџет им е околу 100 милиони евра, повеќе и од Баерн.

Сопственикот Дитрих Матешиц ги изигруваше германските закони и затоа клубот не се вика Ред Бул, но најде начин како да додаде РБ на основното Лајпциг. Германците не го сакаат „пластичниот“ клуб бидејќи нема традиција, но благодарение на богатиот спонзор, им ги расипува сметките на големите клубови кои имаат многу навивачи и титули.

Многу навивачки групи бојкотираат и одбиваат да одат на гостување на „Ред Бул арената“, но тие што одат, оставаат транспаренти со содржина која не им се допаѓа на домаќините од вториот град по големина во источниот дел на Германија по Берлин.

- Оглас -

Најнови вести