Најголемата Фамилија во Македонија слави 25 години постоење: Влез во АБА1 и добитен хуманитарен тикет за совршен викенд во Аеродром

МЗТ Скопје Аеродром е спортски бренд не само на Аеродром туку на цела Македонија, неодамна рече градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, и не згреши. Актуелниот кошаркарски првак веќе со години е промотор на македонската кошарка на меѓународна сцена. Од легендарната победа против најтрофејниот клуб Реал Мадрид, па сè до еднодецениското натпреварување во регионалната АБА-лига.

Во изминативе речиси 30 години, секогаш кога игра МЗТ Скопје Аеродром, на трибините се најверните навивачи, кои од 1997 година се сплотија под едно име „Family Aerodrom“. Ова е и најголемата Фамилија во Македонија која брои неколку илјади симпатизери на МЗТ Скопје Аеродром.

Токму сега, Family Aerodrom слави 25 години од формирањето, а желба на сите навивачи е повторно влез во АБА 1 лигата, натпреварување каде што се најдобрите екипи од поранешна Југославија. Роденденот на Фемили како и фајнл 8 турнирот во АБА 2 лигата, на кој деновиве домаќин е токму МЗТ Скопје Аеродром е причина за хуманитарен тикет составен од најверните навивачи на аеродромската гордост.

„Низ овие две и пол децении, сме покажале дека ние сме со МЗТ Скопје и во добро и во лошо. МЗТ е симбол на Аеродром, а ние тој симбол секогаш сме го подржувале и ќе го подржуваме. Овие денови веруваме дека ќе бидат денови за целосно славење. Поминаа 25 години откако навивачите се сплотија во една голема Фамилија, а веруваме дека кошаркарите на теренот вечерва и во недела ќе ни дадат дополнителна причина за славење, со враќање во АБА 1 лигата“, вели еден од најверните фанови на МЗТ, Мартин Даневски.

Синоќа во Аеродром „гореше“. Низ улиците на населбата беа запалени стотици факли, се слушаше навивачка песна како дел од декорот за прославата на 25-тиот роденден, но и како покана за сите навивачи вечерва од 21 часот да бидат во „Јане Сандански“ и да му дадат поддршка на македонскиот првак во мисијата за враќање во регионалната елитна лига.

МЗТ го скрши „мразот“ и во средата ја победи Сутјеска, а вечерва предизвик е да се елиминира и Широки Бриег.

„МЗТ Скопје секогаш имал многу верни навивачи. Тоа се покажа и на дуелот со Сутјеска, кога беше направена одлична атмосфера, но вечерва треба да бидеме во уште поголем број, едноставно да бидеме тоа што секогаш сме, шести играч на МЗТ“, вели популарниот Шпанец, кој е еден од многуте навивачи што повеќе од две децении даваат поддршка од трибините.

Македонскиот кошаркарски првак пред една деценија започна да „плови по Јадранот“, кога се промовираше како член на АБА 1 лигата. Таму опстои неколку сезони, а речиси на секој меч имаше по неколку илјади фанови на трибините. Во последните четири сезони, МЗТ е дел од втората лига на АБА, но како што сите во Аеродром очекуваат, време е повторно да се биде меѓу најдобрите, па и екипи како Црвена ѕвезда, Партизан, Цибона, Будуќност, повторно да го почувствуваат „аеродромскиот пекол“ како што беше порано.

Навивачите на МЗТ долго време чекаа да се израдуваат на првата шампионска титула, а тоа се случи во 2012 година. Оттогаш, па наваму МЗТ е доминантен на домашната сцена освојувајќи осум титули во првенството. Не е одамна кога токму навивачите на МЗТ беа едни од најзаслужните што не дозволија овој клуб да згасне кога беше најтешко. Во 2009 година беше организиран „Марш за спас на МЗТ“, кој се покажа како вистински потег затоа што по тој марш, клубот не само што опстана, туку сега ги живее и своите најдобри денови.

„Верноста кон МЗТ нема цена. Ние сме секогаш тука за клубот. Успеавме во 2009 година да помогнеме да опстане, а тој ни возврати со успеси какви што претходно немало. МЗТ веќе 10 години гази во домашното првенство и верувам дека уште долги години ќе биде така, ќе остане број 1 кошаркарски клуб во Македонија. Освен на домашна сцена, секако, треба да атакуваме и на меѓународен план и затоа веруваме дека вечерва и в недела Аеродром, но и цела Македонија повторно ќе добие нов член во АБА 1 лигата. МЗТ има навивачи од сите генерации, а помладите покажуваат дека и во иднина бројот на фанови само ќе се зголемува. Затоа вечерва треба сите во сала да дадеме поддршка на нашиот клуб“, заврши Мартин, кој вечерва ќе биде еден од неколкуте илјади навивачи во „Јане Сандански“.

Популарниот Шпанец потенцираше дека доколку хуманитарниот тикет е добитен, средствата ќе бидат наменети за фондацијата „Марко Божиновски“. Оваа фондација е во чест на прерано починатиот ракометар Марко Божиновски, кој воедно беше и голем навивач на МЗТ Скопје.

Од клубот веќе даваат поддршка кон оваа Фондација затоа што сите пари собрани од влезниците на фајнл 8 турнирот ќе бидат токму за оваа Фондација. Веруваме дека и тикетот може да е добитен, па да се зголемат средствата во оваа Фондација.

 

- Оглас -

Најнови вести