Најкратката кариера во НБА лигата траеше само 3,9 секунди

ЏејмсОн Кари е малку познат американски кошаркар кој во 2010 година дебитираше во НБА лигата и тоа во тимот на Лос Анџелес клиперс. Кари заигра на еден меч и тоа само 3,9 секунди и потоа никогаш повеќе не стапна на НБА паркетите. Со тие неполни четири секунди, тој е апсолутен владател на неславен рекорд по времето поминато на терен во најсилната лига во светот.

На 5 јануари 2010 година се случи историскиот момент. Бостон со ѕвезди како Реј Ален, Реџон Рондо, Кевин Гарнет и Пол Пирс беше домаќин на ЛА клиперс во чии редови играа Барон Дејвис, Маркус Кемби, Крис Каман, но и споменатиот ЏејмсОн Кари.

Како бек шутер, Кари потпиша 10-дневен договор со Клиперс, а тренерот мајк Данливи му даде шанса во завршницата од третата четвртина. На часвоникот стоеше време од 3,9 секунди до крајот, кога Кари влезе и без да ја допре топката заврши четвртината. Потоа повторно беше седнат на клупата и воопшто не беше вратен на теренот.

„Тоа беа најбрзо поминатите четири секунди“, изјави самиот кошаркар.

Откако му истече 10-дневниот договор, во ниту еден момент не успеа да се врати во НБА. Како тинејџер имаше солидна кариера во Универзитетот Оклахома и веруваше дека може да биде новиот Мајкл Џордан, но наместо да мисли на кошарката, тој имаше проблеми со законот.

Беше фатен како сака да му продаде дрога на полицаец на тајна задача, а потоа имаше и неколку други прекршоци. Кари настапуваше и во Европа, а кариерата ја заврши на само 28 години во 2014 година. Причина за прераното завршување на кариерата му е и сообраќајната несреќа во која едвај остана жив. Денеска тој се памти како кошаркарот со најмала минутажа во историјата на НБА лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести