Најлудата приказна од Мундијалот: Навивачот кого со денови го бараа со Интерпол, уживал и пиел далеку на друг континент

Светското фудбалско првенство секогаш е извор на најразлични приказни. Една од најинтересните приказни од Мундијалот кој се игра во САД, Канада и Мексико, доби епилог. Навивачот кој дури и Интерпол го бараше, пронајден е жив, здрав и пред сè среќен поради искуството што го имал во Барселона.

Семејството мислело дека исчезнал во Соединетите Држави, дури и Интерпол се вклучи на потрагата, но всушност – англискиот навивач Мајкл Хјуит (65) ги поминувал деновите во Барселона, посетувајќи барови и гледајќи натпревари од Светското првенство. Необичната приказна на крајот заврши со среќен епилог по речиси две недели неизвесност.

Хјуит требало да патува од Барселона до Бостон, каде што планирал да ја бодри репрезентацијата на Англија на Светското првенство, но останал во Шпанија откако го изгуби мобилниот телефон.

Неговиот брат Гари објасни дека токму тој момент сè променил. „Го изгубил телефонот кратко по пристигнувањето во Барселона и не знаел ниту еден од телефонските броеви што биле зачувани на него“, рече Гари.

Без телефон или пристап до интернет, Хјуит не можел да контактира со своето семејство. Иако имал пасош и пари со себе, не мислел дека Британската амбасада ќе може да му помогне. „Тој дури и не помислил да оди во амбасадата. Имал пасош и пари, па не верувал дека ќе бидат заинтересирани да му помогнат“, додава неговиот брат.

Во тој период семејството немало никакви информации за него од 21 јуни. Последната трага биле фотографии на „Фејсбук“ каде што бил виден во бар во Барселона, по што му се губи секаква трага. Како што минувале деновите, Британската канцеларија за надворешни работи, Комонвелт и развој и Интерпол се придружиле на потрагата, додека членовите на семејството се обидувале да добијат какви било информации преку социјалните медиуми.

Иронично, човекот по кого речиси цела Европа го барала дури и не знаел дека е пријавен за исчезнат.

„Наместо да паничи, тој само уживал во Барселона и ги гледал натпреварите на Англија во баровите“, рече Гари.

На крајот, мистеријата била решена благодарение на банкарските картички. Британската амбасада можела да ги следи трансакциите, да утврди во кој хотел престојува, а потоа да го контактира и да го обедини со неговото семејство.

„Како семејство, сакавме оваа приказна да има едноставен, но среќен крај. За среќа, токму така заврши“, напиша Гари откако беше потврдено дека неговиот брат е пронајден жив и здрав.

- Оглас -

Најнови вести