Најлудиот меч на Мундијалот: Англија со 3:2 го победи Мексико на легендарниот стадион (Видео)

Репрезентацијата на Англија се пласира во четвртфиналето на Светското првенство откако во неверојатно интересен и неизвесен дуел со 3:2 го победија домаќинот Мексико на легендарниот стадион „Астека“. Иако Мексико имаше поддршка од речиси 80.000 домашни навивачи, Англија покажа дека има квалитет да го издржи притисокот и останува во трка за трофејот.

Светските ѕвезди Џуд Белингам и Хари Кејн беа хероите на Гордиот Албион и покажаа дека кога е најтешко и најпотребно, тие се најдобри. Белингам имаше блиц-крик во периодот од 36-тата до 38-мата минута кога постигна два гола за водство на Англија од 2:0.

Мексико намали на 1:2 до крајот на првиот дел со голот на Квинтон. На почетокот на второто полувреме Англија остана со фудбалер помалку, но потоа и со 10 играчи на теренот даде гол. Се играше 60-тата минута кога беше досуден пенал за Англија, а Хари Кејн за разлика од некои други ѕвезди кои промашуваа пенали, покажа дека е најсмирен кога најмногу треба и погоди за 1:3.

Само осум минути подоцна следуваше и пенал за Мексико, а Раул Хименес погоди за 2:3. Мексико имаше речиси половина час време да израмни на 3:3, но Анличаните одлично се бранеа и на крајот заслужено стигнаа до четвртфиналето на планетарниот собир.

За Мексико ова е прв пораз на „Астека стадион“ во 10 натпревари на Светските првенства, а инаку само трет пораз за Мексико во историјата кога игра на својот најголем стадион.

- Оглас -

Најнови вести