Најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова и официјално е ново засилување за Сервет, актуелниот шампион на Швајцарија.
Клубот од Женева денеска го потврди потписот на македонската фудбалерка, која во Швајцарија пристигнува со импресивно меѓународно искуство. Во текот на кариерата Андонова настапуваше за европски великани како Барселона и Пари Сен Жермен, а последен клуб ѝ беше шпанскиот Леванте Лас Планас.
Со овој трансфер, искусната македонска репрезентативка повторно ќе има можност да се натпреварува на највисокото европско ниво. Сервет во претстојниот период ќе настапи во квалификациите за Лигата на шампионите, каде што ќе се обиде да обезбеди место во групната фаза.
За Андонова ова претставува нов предизвик во богатата кариера, а воедно и уште една потврда за нејзиниот квалитет и углед во европскиот женски фудбал. Со долгогодишните настапи во најсилните лиги, таа останува најголемото име во историјата на македонскиот женски фудбал и еден од најпрепознатливите спортски амбасадори на Македонија.

