Нов меч на македонската фудбалска репрезентација и ново разочарување. Четири натпревари во низа на кои Македонија не може да постигне ниту еден гол беше сигнал да се „запалат“ навивачите и симпатизерите на социјалните мрежи.
Многу револт, разочарување, негодување, по некоја навреда и ниту една пофалба немаше на коментарите на официјалната фејсбук-страница на Фудбалската репрезентација на Македонија, која можеби и првпат ги забрани коментарите на постовите кои денеска се поврзани со мечот меѓу Македонија и Турција.
Забраната за коментирање дојде речиси еден час по мечот, а за тоа време веќе имаше стотици коментари и сите до еден беа негативни, барем кога се работи за играта и резултатот на македонската репрезентација. Едноставно, навивачите и симпатизерите имаат целосно право да бидат разочарани затоа што Македонија 427 минути нема дадено ниту еден гол, а фудбалот се игра за голови.
Навивачите едноставно вријат, а ние ви пренесуваме дел од коментарите, кои секако не се навредливи: „Фудбал не се учи во репрезентација, ако не си научил досега да играш, џабе ти е“, вели еден навивач, а друг додава: „Среќа што Турците се „зезаа’, па ве поштедија од 10-ка со кромид“.
Во дел од останатите коментари може да се прочитаат и вакви навивачки реакции:
„Станавме селекција за подобрување на статистиката“,
„Кога ќе дадеме гол, исто како да сме освоиле Светско првенство ќе биде“,
„Требаше со Сан Марино да закажете, да не се брукате“,
„Евровизија имавме откажано, мислам дека и за фудбалот репрезентативен треба исто, сè да откажеме, никаде да не одиме, џабе пари само фрламе за летови, хотели и се други…“
„Што да кажам, а да не заплачам“,
„Не се срамите малку? Ова е резил за професионални фудбалери“…


