Нема да биде пријатно во Дуисбург, Германците против Македонија бркаат еден рекорд

Македонската фудбалска сениорска репрезентација никогаш нема играно против Германија, сефтето ќе биде задутре во Дуисбург, а има еден податок кој уште повеќе ја зацврстува улогата на фаворит која ќе ја имаат Панцерите. Популарниот „Ди Маншафт“ ако не загуби од Македонија, ќе има серија од 36 квалификациски средби (за Светско првенство) по ред без пораз, и тоа ќе биде изедначување на нивниот рекорд што го имаа од март 1934 до септември 1985 година.

Последниот пораз на Германците беше онаа легендарна петарда која ја примија од Англија на 1 септември 2001 година и загубија со 1-5, па тоа како да ги налути и еве две децении се непоразени. Шокантен е податокот дека тие никогаш во историјата не загубиле на гостински терен во меч од квалификации за СП.

Германците имаат серија од 33 меча по ред на кои даваат гол и таа низа им трае 20 години. Рекордот го држи актуелниот тим на Шпанија со 37 меча по ред барем со еден постигнат гол во мечеви од квалификации за Мундијал.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести