Нема крај за проблемите на Јувентус: Ањели и директорите што си поднесоа колективна оставка, добија кривични пријави

Јавното обвинителство во Торино покрена тужби против сега веќе поранешниот претседател на Јувентус, Андреа Ањели, и останатите членови на Управниот одбор на Јувентус, кои во понеделникот си поднесоа оставки, објави италијанската новинска агенција, АНСА.

Торинското обвинителство покрена кривични пријави за 11 лица од управата на Јувентус, кои ги сомничи за фалсификување документи за трансфери и плати на фудбалерите, за ширење лажни информации за финансиската состојба на клубот, за манипулација на трансфер-пазарот, за попречување при вршењето ревизија за работата на клубот, како и ограничувње на пристапот во клупските простории на даночните инпектори.

Тужбите за поранешната управа според Јувентус се неосновани.
„Наводите на јавното обвинителство не се основани. Не изгледаат ниту како претпоставки, ниту како заклучоци кои се во согласност со Миланскиот трговски договор“, соопшти Јувентус.

Во понеделникот, комплетната управа на чело со Андреа Ањели и Павел Недвед си поднесоа оставки, а италијанските медиуми пишуваат дека тие се одлучиле на ваков чекор за да се спасат од притвор.

Наводно, јавниот обвинител во Торино по оставките на Ањели и целата управа на Јувентус, се откажал од барањето да им се одреди домашен притвор.

„Јувентус е поголем од која било личност. И понатаму ќе бидам негов најголем навивач, а оставките нема да влијаат на целите на клубот. Екипата е способна да освојува трофеи“, за првпат по оставката се огласи Ањели во јавноста.

Исто така и Фудбалската федерација на Италија започна истрага поради малверизациите на управата на Јувентус за време на пандемијата на корона-вирусот. Во 2020 година, фудбалерите на Старата дама потпишале анекси на договори со кои се согласиле да им бидат намалени платите за да може клубот полесно да го преброди тешкиот период.

Но, обвинителството дојде до документи кои докажуваат дека играчите всушност ја добивале целата плата, а разликата им била исплаќана „на црно“.

- Оглас -

Најнови вести