Нема стокец за Федерер, Тим го освои Индијан Велс

Австриецот Доминик Тим е победник на престижниот АТП-турнир од мастерс-серијата во Индијан Велс, а во финалето беше подобар од најтрофејниот тенисер на светот Роџер Федерер.

Тим успеа да направи пресврт откако го загуби првиот сет со 3:6 и потоа беше подобар, ги доби следните два сета со 6:3 и 7:5 и се закити со највредната титула во кариерата.

Австриецот направи брејк во вистински момент, при резултат 5:5 во решавачкиот сет, а потоа на свој сервис ја запечати победата.

За него, ова е 12-та титула во 18 финалиња, колку што има одиграно досега, а не му дозволи на Федерер да стигне до 101-виот трофеј во кариерата.

Швајцарецот има пет титули во Индијан Велс, а сега не успеа да стане и рекордер со шеста круна, па остана во друштво со Новак Ѓоковиќ, а и двајцата имаат „петки“ на турнирот. Федерер пропушти шанса и лани да биде осамен на врвот според бројот на титулите, а и тогаш загуби во финалето, но од Хуан Мартин дел Потро.

- Оглас -

Најнови вести