Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ и официјално ја продолжува кариерата во Грција, откако Арис го потврди неговиот ангажман. Солунскиот клуб, кој од клупата го предводи легендарниот Василис Спанулис, соопшти дека 27-годишниот плејмејкер потпишал двегодишен договор.
Димитријевиќ пристигнува од руски Зенит Санкт Петербург, иако имаше важечки договор со клубот. Со неговото доаѓање, Арис добива големо засилување на најважната позиција во тимот.
Кошаркарот роден во Скопје на 23 февруари 1998 година зад себе има богата интернационална кариера. Професионалниот пат го започна во шпанска Ховентуд Бадалона, каде што настапуваше од 2016 до 2021 година. Најдобрата сезона ја имаше во 2020/21, кога во просек бележеше 10,4 поени и 3,6 асистенции по натпревар.
Потоа следуваше трансфер во Валенсија, каде што уште во првата сезона запиша просек од 9,5 поени и 4,2 асистенции. Неговата кариера дополнително доби замав со преселбата во Уникс Казан, каде што ја освои титулата во ВТБ лигата и беше прогласен за МВП на финалната серија.
Во следната сезона блескаше со просек од 18,6 поени и 6,7 асистенции, што му ја донесе и престижната награда за најкорисен играч на ВТБ лигата.
Во 2024 година потпиша за Олимпија Милано, каде што во Евролигата настапи на 27 натпревари со просек од 7,6 поени и 2,9 асистенции. По една сезона повторно се врати во Русија, во Зенит Санкт Петербург, каде што бележеше 11,5 поени и 5,7 асистенции по натпревар, а потоа беше испратен на позајмица во Баерн Минхен. Во дресот на германскиот шампион одигра 16 натпревари во Евролигата со просек од 11 поени и 4,1 асистенција.
Со ангажманот на Димитријевиќ, Арис добива искусен плејмејкер и лидер на теренот, кој треба да биде еден од клучните играчи во амбициите на солунскиот клуб во грчкото првенство и европските натпреварувања.

