Реномираниот ракометен портал Балкан хендбол, објави неофицијална информација дека Вардар 1961 ќе биде еден од трите клубови кои ќе добијат вајлд-карта за настап во ракометната Лига на шампиони следната сезона.
ЕХФ најави дека одлуката официјално ќе биде соопштена на 22-ри јуни. Но, на три дена пред официјалното соопштување на одлуката, се одржал состанок на кој наводно било одлучено трите вајлд-карти да ги добијат Вардар, белградски Партизан и словенечки Целје Пивоварна Лашко. Ова значи дека од клубовите кои бараа вајлд-карта, би извисиле Валир, Луцерн и Кристијанстад.
Ако ова се потврди, тоа значи дека во ЛШ ќе има четири тима од просторите на екс-Југославија, прваците на Македонија, Србија, Хрватска (Загреб има гарантирано место) и Словенија.

