Незаборавна фудбалска молитва со (Г)оче наш – Гранде е Пандев, цел свет му се поклони на великанот

Една вистинска фудбалска легенда вчера се прости од настапите за својата земја, а колку тежи името на Горан Пандев во светот на најважната споредна работа на светот, доволно говори возбудата што ја предизвика на „Јохан Кројф арената“.

Светската велесила, Холандија, не го заборави последниот меч на Гранде Пандев. Му подарија дрес со бројот 122 како симболика што го покажува бројот на одиграни натпревари за Македонија, а наплив на емоции не „нападна“ на амстердамската арена, кога сите грмнаа во еден глас „Горан Пандев“, со поклич во чест на една голема наша, а светска ѕвезда.

Над новинарската ложа на „Јохан Кројф арената“ имаше само холандски навивачи, кои приредија неверојатна глетка. Со стоечки овации го поздравија најдобриот македонски фудбалер. Потег за респект во земјата на поранешниот европски првак и трикратен светски вицешампион. Фудбалската нација со посебна тежина во најпопуларната игра на светот искрено со многу емоции го поздрави Пандев.

Домашните медиуми и еден куп познати странски претставници на седмата сила, од „Њујорк тајмс“, преку „Марка“ и Би-би-си со невидени епитети ѝ посветија особено внимание на нашата фудбалска икона.

Респект што последниве денови беше главен хајлајтс на шампионатот, на кој Пандев му даде и посебен шарм и тежина. Направи невидена промоција за Македонија, нешто што не се плаќа со никакви пари. На насловните спортски страници на светските медиуми има место само за вистински легенди, за спортисти што оставиле траен белег во играта што им е омилена.

На враќање од Амстердам за Скопје му велам: „Гоче, ајде уште овие квалификации за Мундијалот во Катар. Имаме натпревар против Германија што не се пропушта, па потоа нека биде меч, по меч“.

Се насмевна, скромен како и секогаш, што е посебен квалитет на голем спортист и одговори: „Доста е. Имаме генерација на фудбалери што можат и без мене да бијат битка за пласман на ново големо натпреварување. Им посакувам повторно да играат на Европско првенство или да дебитираат на Мундијалите. Искрено верувам во нив и во нов фудбалски успех на Македонија.

Ние искрено веруваме дека сепак ќе се премисли и ќе помогне барем во овие квалификации за настап на Светското првенство. Гранде е и заслужува меч за збогум на наш терен, пред публика и народ што бескрајно го сака и му се восхитува и му благодари за сонот наш од детство што се исполни со настап на ЕП.

Ако остане на својата одлука, му велиме големо благодариме и фудбалско збогум и го очекуваме таму каде што му е местото. На врвот на македонската фудбалска пирамида во една поинаква функција што апсолутно ја заслужува со фантастичната фудбалска кариера и приказна, една од најубавите во историјата на Македонија.

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести