Николиќ: Лут сум сам на себе бидејќи не можам да ги убедам играчите дека опстанокот во АБА е можен

МЗТ Скопје денеска запиша нов пораз во АБА лигата, осми по ред и вкупно 15-ти во 17-те натпревари, со што остана закован на последното место на табелата, а по мечот, тренерот на Металците, Драган Николиќ, изјави дека е лут на себе.

Николиќ кој дојде на местото на Александар Петровиќ, на прес-конференцијата изјави дека лут бидејќи во периодот додека е во Скопје не успеал да ги убеди поединци дека опстанокот е возможна мисија и дека треба да даваат се од себе на секој натпревар.

„Гаги Николиќ е голем критичар, но прво тоа е кога сум на сам себе критичар. Лут сум на себе затоа што не можам да ја убедам екипата. Дојдов во Скопје каде се чувствувам убаво и ги имам сите услови за работа. Ама не можам да сфатам како не можам да убедам поединци и да им ја дадам мојата верба дека сè е можно во спортот. Па, да излеземе од оваа ситуација која не е добра за МЗТ. Сите други работи во МЗТ се добри, само оваа ситуација во АБА не е.

Несфатливи ми се поединци кои не веруваат ниту во моите зборови, ниту на навивачите, ниту на останатите. И навивачите веруваат дека можеме, луѓето од клубот веруваат дека можеме, секој ден објаснувам дека сè може да се направи нешто. Жал ми е што во овие пет кола колку што сум тука, не победивме. Иако игравме против потенцијалите учесници во плеј-офот, идни учесници во Евролигата и Еврокупот“, изјави Николиќ.

- Оглас -

Најнови вести