Ништо ново од МЗТ Скопје во АБА лигата, овој пат Металците се поразени од Студентски центар

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје продолжува да реди порази во АБА лигата и со секој нов неуспех е чекор подалеку од опстанок во регионалното натпреварување.

Металците вечерва загубија од Студентски центар со 103:85 и останаа заковани на последното место на табелата со само две победи и 15 порази. Ова е трет натпревар на кој МЗТ Скопје прима повеќе од 100 поени во АБА лигата, по Партизан (120:67) и ФМП (101:97).

Ова беше осми пораз по ред за МЗТ Скопје во АБА лигата, а последен пат се радуваа на успех пред два месеци, кога на домашен терен беа подобри од Мега (94:82).

Студентски центар победата ја најави уште во првата четвртина која ја доби со осум поени разлика (36:28), а на паузата разликата веќе беше двоцифрена (62:47). Единствена дилема во второто полувреме беше со колкава разлика ќе загубат Металците. На крајот, МЗТ Скопје е поразен со 103:85.

Најрасположени за игра кај МЗТ Скопје беа Кафи и Миќовиќ со по 20, Војдан Стојановски со 11 и Дамјан Стојановски со 10 постигнати поени.

Во следното коло, МЗТ Скопје идната сабота во СЦ „Јане Сандански“ ќе ја пречека  Цедевита Олимпија.

- Оглас -

Најнови вести