Ништо помалку од епско финале не се очекува во Вечниот Град

Надежите дека ќе гледаме големо финале меѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал се остварија, па во Рим се очекува епска битка во која двајцата најтрофејни тенисери на овој турнир по шести пат ќе се сретнат во мечот за титулата со почеток во 17 часот.

Надал како рекордер со девет титули ќе го игра своето 12-то финале во Вечниот Град, па затоа му припадна фаворитската улога иако е втор носител зад првиот светски рекет и актуелен бранител на пехарот. Единствените два порази на Рафа во финалињата му се токму од Ѓоковиќ, додека трипати Шпанецот бил подобар од српскиот тенисер во битките за наградата која моментално вреди нешто повеќе од 3,8 милиони евра.

Ова ќе биде прва меѓусебна пресметка меѓу тениските великани во 2021 година, односно последен пат се сретнаа во ланското финале на Ролан Гарос во кое Надал беше неприкосновен во триумфот по три сета. Ако се гледа вкупниот биланс во меѓусебните дуели, Ѓоковиќ е подобар со 29 победи во однос на 27-те триумфи на Надал.

Во женска конкуренција за титулата ќе разигруваат Ига Свјатек против актуелната вицешампионка Каролина Плишкова, а дуелот е предвиден за 14:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести