Ниту еден играч на Далас нема да носи дрес со бројот 24

Иако ништо не го поврзува Коби Брајант со Далас маверикс, освен што тексашката франшиза беше само една од 29-те противници на легендата на Лејкерс, сопственикот на Далас, Марк Кјубан, потврди дека бројот 24 ќе биде повлечен од употреба во негова чест.

Ниту еден играч на Маверикс во иднина не ќе може да носи дрес со бројот 24 во чест на човекот кој го смени текот на НБА-лигата со неговите достигнувања.

„Коби беше амбасадор на овој спорт, глобална икона и легенда. Пред сè, тој беше посветен татко и сопруг. Неговото наследство ќе остане запаметено засекогаш. Нашата организација одлучи да го повлече бројот 24 од употреба и никогаш повеќе нема да се види на дрес на Далас маверикс“, истакна Кјубан.

Овој потег на Далас може да послужи како иницијатива за и останатите НБА-франшизи да го сторат тоа.

Броевите 8 и 24 ЛА лејкерс ги повлече уште по последниот натпревар на Брајант во кариерата, кога на 13 април 2016 година се одјави на спектакуларен начин постигнувајќи 60 поени и практично сам ја донесе победата против Јута џез.

- Оглас -

Најнови вести