Ноле доби порака: Засукај ги ракавите и прими ја вакцината

Новак Ѓоковиќ со трофејот во раце се врати од Вимблдон и покажа дека уште е доминантен тенисер за освојување на сите трофеи, секако на тие на кои може да игра. Поради тоа што нема примено вакцина против Коронавирусот, на Ѓоковиќ му е забрането учество на голем дел од најважните турнири.

Србинот сезонава веќе го пропушти Гренд слем турнирот на Австралија опен, како и турнирите во Мајами и Индијан Велс. Како што стои моменталната ситуација, Ѓоковиќ нема да може да игра ниту во Монтреал, како и на Гренд слем турнирот во Њујорк, популарниот САД опен.

Едноставно Канада и САД не дозволуваат влез во нивните земји на невакцинирани странски државјани.

„Ситуација е јасна. Или Канада да ги промени правилата во врска со вакцинацијата или Новак ќе мора да ги засука ракавите и да ја прими вакцината. Ниедно од овие сценарија не ми изгледаат реални“, рече директор на турнирот во Монтреал, Ежан Лапијер.

Турнирот во Монтреал започнува на 5 август, а Ѓоковиќ овој турнир го има освојувано четири пати, последен пат во 2016 година. Актуелниот освојувач на Вимблдон најави дека нема да е крај на светот ако не игра во Канада и САД.

„Јас сум професионален тенисер, не се мешам во политиката, затоа што тоа не е моја работа. Имам свој став и загарантирано право на избор. Ги почитувам сите, па очекувам и другите луѓе да ме почитуваат мене и мојата одлука. Ако добијам дозвола ќе бидам на турнирите, ако не нема да бидам. Нема да биде крај на светот“, неодамна рече Ѓоковиќ.

 

- Оглас -

Најнови вести