Новак уште сега знае кога и зошто ќе ја заврши кариерата

Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, на самиот „Асикс тенис“ кој се одржа во Марбелја, Шпанија, изјави дека уште сега знае кога и зошто ќе замине во пензија.

„Во текот на кариерата остварив многу работи и ги освоив најголемите трофеи во тенисот. И понатаму си дозволувам да сонувам за големи работи и на секој турнир на кој играм, сакам да победам. Најголема цел ми се гренд слем и мастерс титулите. Најважна цел во идната година, но и во тие што доаѓаат, е да останам здрав и да играм на највисоко ниво.

Не се гледам себе си како професионалец, а да не бидам еден од фаворитите за освојување на гренд слем титула или да не се борам за врвот на АТП ранг-листата. Не се гледам како 25-ти тенисер на светот и да играм на средно ниво. Сакам да играм на највисоко ниво, тоа е нешто што го барам од себе и токму тоа го бара и мојот тим. Кога нема да можам да ја исполнам таа цел, ќе се пензионирам“, изјави Ѓоковиќ.

Иако има 35 години, Новак Ѓоковиќ, и понатаму тренира со идентичен интензитет како и пред десет години. Тој очекува следната година да му започне со настапот на турнирот во Аделаида, кој треба да му претставува загревање за настапот на Австралија Опен, каде има девет титули.

„Работам и тренирам како и сите останати тенисери, можеби и повеќе од било кога бидејќи не е исто кога имате 35, 25 или 15 години. Мора да се адаптирате на разликата во години и продолжите да се носите со младите тенисери кои се желни за успеси и се доста мотивирани. Се уште чувствувам дека сум млад како нив“, додава Ѓоковиќ.

- Оглас -

Најнови вести