Новото правило го натера Сари да направи глупава грешка

Јувентус се пласираше во финалето од Купот на Италија и вечерва мирно ќе го чека противникот од подобриот во дуелоте меѓу Наполи и Интер. Ремито од 1-1 на „Сан Сиро“ од првата пресметка беше гаранција за Бјанконерите дека и со 0-0 на домашен терен ќе обезбедат битка за куп-трофејот.

Избраниците на Маурицио Сари доминираа против составот на Милан кој повеќе од 70 минути мораше да игра со играч помалку на теренот, што ја олесни работата на домаќините иако на „Алијанц“ стадионот не се падна гол, а мразот можеше да го скрши Роналдо преку пенал, но промаши.

По мечот, Сари беше задоволен од прикажаното на својата екипа со оглед на тоа дека паузата траеше повеќе од три месеци, меѓутоа си ја потенцираше својата грешка која во иднина ќе треба да ја избегнува.

„Доминиравме во текот на целиот меч, дури и пред искучувањето на Ребиќ. Го диктиравме темпото и воопшто не му дозволивме на противникот да игра, но ја загубивме контролата врз играта по една моја глупава грешка. Се возбудив што имав пет измени на располагање и направив три одеднаш, а тоа нè чинеше губење на стабилноста. Во иднина ќе мора подобро да го користам новото правило“, истакна Сари.

Јувентус следниот понеделник (22 јуни) продолжува со обврските во Серија А, во рамки од 27-то коло ќе гостува кај Болоња.

- Оглас -

Најнови вести