Њујорк никс рушеше шутерски рекорди во НБА-плејофот и со „метла“ ја елиминира Филаделфија (Видео)

Екипата на Њујорк никс се пласира во финалето на Источната конференција откако во четвртиот меч против Филаделфија победи убедливо со 144:114. Со овој убедлив триумф, Никси со „метла“ ја завршија работата против Филаделфија и славеа во победи со максимални 4:0.

Њујорк започна фуриозно и во првата четвртина играчите на домашниот тим погодија 11 од 13 шутеви за тројка. Најрасположен за ударите од далечина беше Мајлс Мекбрајд, кој ги погоди сите четири удари. Токму Мекбрајд до полувремето стигна до 20 поени и погодени шест од седум удари за тројка. Њујорк во првото полувреме погоди 18 од 29 шута за три поени, па на паузата замина со убедлива предност од 81:57.

Во второто полувреме беше само формалност со колку разлика ќе победи Њујорк, кој на крајот постигна 25 тројки и го израмни НБА-рекордот за мечеви во плејофот.

 

Њујорк има седум победи по ред во плејофот покажувајќи дека тимот е во одлична форма. Целта секако им е пласман во големото НБА-финале, каде што последен пат играле во 1999 година, кога загубија од Сан Антонио. Пред тоа го чекаат противникот во финалето на Источната конференција и тоа ќе биде подобриот од дуелот меѓу Детроит и Кливленд.

Во вториот меч кој се одигра ноќеска во НБА-плејофот, Минесота со 114:109 беше подобра од Сан Антонио и израмни на 2:2 во победи. Едвардс со 36 поени го предводеше победничкиот тим, а Фокс и Харперс со по 24 поени беа најефикасни кај Сан Антонио.

- Оглас -

Најнови вести