Тренерот на финскиот шампион КуПС, Мика Нутинен, со оптимизам го очекува утрешниот натпревар против Вардар во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Младиот стратег верува дека неговиот тим е подготвен да одговори на предизвикот и да се врати во Финска со активен резултат.
„Владее големо исчекување во тимот. Ова е важен натпревар за нас и сметам дека сме максимално подготвени. Иако сме во средината на домашната сезона, не мислам дека тоа ќе биде пресудна предност, исто како што ниту високите температури во Скопје нема да имаат клучно влијание“, изјави Нутинен.
Тој нагласи дека КуПС темелно го анализирал македонскиот шампион и дека добро ги познава неговите силни страни.
„Ги следевме натпреварите на Вардар од минатата сезона и знаеме што да очекуваме. Станува збор за екипа која сака да ја контролира играта, располага со опасен напаѓач и квалитетни бекови. Вардар е еден од најуспешните клубови во Македонија и имаме голема почит кон него“, рече финскиот тренер.
Сепак, Нутинен верува дека неговата екипа има квалитет да ја мине оваа пречка.
„Најважно е да останеме доследни на нашиот план и да ги реализираме задачите што ќе ги имаме на теренот. Во добра форма сме и веруваме во нашите можности. Свесни сме дека Вардар е силен пред својата публика, но убедени сме дека можеме да избориме добар резултат во Скопје и потоа пред нашите навивачи да го завериме пласманот во следното квалификациско коло“, порача Нутинен.
Првиот натпревар меѓу Вардар и КуПС ќе се одигра утре, со почеток во 19:00 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

