О‘Нил: Добив троен убод во срцето

Во „Стејплс центарот“ ноќеска требаше да се игра големото градско дерби на Лос Анџелес меѓу Лејкерс и Клиперс, но тоа беше одложено. Смртта на Коби Брајант уште многу боли кај сите во таборот на Лејкерс. Наместо натпревар, во „Стејплс центарот“ имаше емисија посветена на Коби, а еден од гостите беше и Шекил О‘Нил.

Коби и Шекил го сочинуваа еден од најубиствените тандеми во историјата на НБА-лигата, а доминантниот центар опиша како ја доживеал смртта на Брајант.

„Како што знаете, последните неколку месеци беа навистина тешки за мене. Умре сестра ми, но јас морав да продолжам нормално да живеам и да работам. Одев на работа, се смеев, но кога ќе се вратев дома во реалноста и ќе сфатев дека неа ја нема, ми беше многу тешко, ме болеше. Во неделата бев во подрумот и вежбав со мојот син Шакир и внукот Колумбус, кога во еден момент се појави и вториот внук и со солзи во очите ми го покажа мобилниот на кој стоеше веста за Коби. Се изнервирав и му реков да го тргне тоа од мене. Живееме во свет каде што има фотошоп и лага, но потоа почнаа да ми се јавуваат и сфатив дека тоа е вистина“, открива О‘Нил за тоа како дознал за смртта на Коби.

Шекил додава дека добил троен удар во срцето кога ги слушал вестите кои стигнувале.

„Таква болка немав почувствувано подолго време. Имам 47 години, ги загубив двете баби, сестрата, а сега останав и без помладиот брат. Ќе останеме поврзани по тоа што го направивме. Често ме прашуваа за нашиот однос, а јас им објаснував дека тоа е како со Чарлс Баркли. Имате две карактерно цврсти личности кои тргнале по свој пат, си имаат речено некои работи, но никогаш не го загубиле почитувањето еден кон друг. Кога ќе бевме на теренот, ние победувавме“, додава О‘Нил, кој не крие дека во текот на кариерата со Коби знаел да се скара и на теренот и во соблекувалната, но и надвор од арената.

Сепак, по завршувањето на кариерите, не дозволиле нивниот лош однос да се пренесе и кај децата. Коби бил како вујко на синот на О‘Нил, Шариф. Коби токму на Шариф му ја испратил една од последните пораки пред да се качи во хеликоптерот.

„Беше тоа троен убод во срцето за мене. Само што се смирив малку по веста дека Коби загинал, стигна информација дека и Рик Фокс бил во хеликоптерот. Му вртев по телефон, но не ми се јавуваше. Последниот удар беше кога дознав дека и неговата ќерка била меѓу загинатите“, вели Шекил кој додава дека му е многу жал што повеќе нема да може да се види со Коби, да се шегуваат кога ќе треба да биде прогласен како член во Куќата на славните.

„Кога и да се видевме, знаевме да си кажеме дека ако останевме заедно, можевме да имаме 10 шампионски прстени. Последен пат разговаравме токму тука, во „Стејплс центарот“, кога му реков да даде 50 поени, а тој постигна 60 поени. Факт е дека го загубивме најдобриот играч на Лејкерс и еден од најдобрите во историјата на кошарката“, заврши О‘Нил.

- Оглас -

Најнови вести