Од МСН остана само уште М, а од ББЦ остана само Б

Заминувањето на Луис Суарес од Барселона и на Герет Бејл од Реал Мадрид го означи дефинитивниот распад на двете легендарни трија кои од 2014 до 2017 година претставуваа страв и трепет за противниците и се натпреваруваа кој ќе даде повеќе голови и ќе освои повеќе трофеи.

Тие трија почнаа да се распаѓаат кога Нејмар во 2017 си замина од Барса и една година подоцна Кристијано Роналдо од Реал, а сега веќе за МСН (Меси, Суарес, Нејмар) во Барса и ББЦ (Бензема, Бејл, Кристијано) во Реал се зборува како за далечно минато.

Ривалството на МСН и ББЦ беше големо. Триото на Барса беше многу поефикасно и освои една титула во Лигата на шампионите, а трилингот на Реал не постигна толку многу голови, но освои три европски титули по ред, што е историски подвиг. Споредбите ќе продолжат и понатаму, иако во Барса и Реал остана само уште по еден од тројцата.

Лионел Меси и Карим Бензема се најиздржливи, уште ги носат дресовите на клубовите во кои беа членови на легендарните трија, иако Меси летово сакаше да си замине и можеби тоа ќе го стори следната година. Бензема е неприкосновен во Реал, но и него годините ќе го згазат и прашање е уште колку години ќе остане во клубот чиј дрес го носи повеќе од една деценија. Во моментов, ниту Меси ниту Бензема покрај себе немаат толку добри соиграчи како до пред две-три години, што се отсликува и преку резултатите во ЛШ.

- Оглас -

Најнови вести