Oд следната сезона може да има двајца Македонци во Втората шпанска лига

Мајорка загуби со 3-1 на гостувањето кај Атлетик Билбао во мечот од 32-то коло во Ла лига, во кој Александар Трајковски го одигра последниот половина час од мечот. Баскијците лесно се изборија за победата иако во финишот Мајорка беше доста опасна преку расположениот македонски репрезентативец.

Сепак, Гарсија и Сансет му донесоа на Билбао сигурна предност по 25 минути игра, пред Будимир да намали на 2-1 во 69-тата минута од пенал, кој го изнуди токму Трајковски десетина минути по неговото влегување во игра. Трајковски донесе свежина во нападот на гостите и заслужи да постигне гол по неколку шанси, но, наместо евентуално израмнување, домаќините во 90-тата минута ставија печат на средбата со 3-1 преку Вилалибре.

На Трајковски и Мајорка им се предвидува елиминација од шпанската елита откако го претрпеа четвртиот пораз во последните пет кола, односно се без победа по рестартот на сезоната. Мајорка по 32 меча е на 18-тото место на табелата со 26 бода, шест помалку од Ејбар кој е на 17-тото место со 32 бода и има меч помалку.

Доколку Мајорка не опстане во Ла Лига, во следната сезона можно е да гледаме двајца Македонци во Втората шпанска лига во случај Столе Димитриевски да не обезбеди камбек  во елитата со својот Рајо Валјекано.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести