Од УЕФА објаснија зошто беше поништен голот на Ајакс

Реал Мадрид го победи Ајакс со 2-1 во Амстердам и е речиси сигурен патник во четврт-финалето од Лигата на шампионите. Сепак, резултатот можеше да биде многу поинаков доколку судијата Дамир Скомина го признаеше голот на Ајакс во првиот дел, при резултат 0-0.

Николас Талјафико погоди со глава и почна радоста на играчите на Ајакс, но судијата реши дека треба да се консултира со ВАР-системот. По прегледување на снимката, голот беше поништен поради офсајд, а оваа одлука предизвика многу недоверба. Од УЕФА решија да објаснат зошто погодокот беше поништен.

„Судијата констатираше дека голот на Ајакс е поништен бидејќи Tадиќ му пречи на голманот Тибо Куртоа и е во офсајд позиција, во моментот кога Николас Талјафико шутира со глава. Одлуката на Скомина е исправна и одлично ги примени инструкциите на ВАР-системот. Голот беше правилно поништен“, стои во соопштението на УЕФА.

Некои фанови се сомничат во УЕФА и во оваа одлука на Скомина, посебно поради тоа што мечот во Амстердам требаше да го суди Полјакот Шимон Марчињак, но во последен момент тој беше заменет и на негово место беше поставен Скомина за главен делител на правдата на средбата во Амстердам.

- Оглас -

Најнови вести