Официјално: Ковачиќ потпиша за Челзи, Лазаро за Интер

Матео Ковачиќ од привремен, стана редовен член на фудбалскиот клуб Челзи. Хрватскиот репрезентативец не беше во плановите на Зинедин Зидан во Реал Мадрид, па реши да остане на „Стемфорд бриџ“ и тоа со трансфер кој од него прави член на Челзи во следните пет години. Се верува дека Челзи на Реал ќе му плати обештетување од околу 50 милиони евра, што е подобрување на хрватскиот рекорд кој досега беше 35 милиони, колку што на Интер му платија мадридските „кралеви“ за Ковачиќ.

Титулата во Лига Европа и третата позиција во Премиерлигата беа доволни за сезоната на Челзи да се прогласи за успешна, па Матео сакаше да остане во добро позната средина.

„Уживав во позајмицата во Челзи минатата сезона. Ми се допаѓаат Лондон и Премиерлигата. Среќен сум што сега ќе бидам перманентен играч на Челзи, се надевам дека ќе давам голем придонес во сезони кои ни претстојат“ – изјави Ковачиќ кој имаше 51 настап за Челзи и 36 пати беше стартер. Во кариерата играл и за Реал, Интер и Динамо Загреб.

Засилување и тоа второ во текот на денешниот ден, доби и Интер. Откако го официјализираа Уругваецот Диего Годин, искусниот дефанзивец кој дојде од Атлетико Мадрид, „нераѕурите“ потпишаа и со Валентино Лазаро од Херта. Лазаро потпиша четиригодишен договор, а македонската публика можеше да го запознае кога ја отвори гол-серијата на неодамнешното гостување на Австрија на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Лазаро кој има 23 години, игра како десно крило. Во минатата сезона, имаше 31 настап во Бундеслигата и оствари три гола и седум асистенции.

 

- Оглас -

Најнови вести