Оклахома на чекор до ново НБА-финале (Видео)

Оклахома сити тандер го совлада Сан Антонио спарс со 127-114 во петтиот натпревар од финалето на Западната конференција и поведе со 3-2 во серијата, па сега на актуелниот шампион му недостига уште една победа за пласман во НБА-финалето.

Шеј Гилџус-Александер го предводеше домашниот тим со 32 поена, додека Алекс Карузо од клупата додаде 22. Важна улога имаше и Џаред Мекејн, кој поради отсуството на Џејлен Вилијамс и Аџеј Мичел првпат беше стартер во плејофот и мечот го заврши со 20 поени.

Тандер одигра многу поефикасно отколку во четвртиот натпревар, кога остана само на 82 поени, а истиот број овојпат го достигна уште на почетокот на третата четвртина. Чет Холмгрен додаде 16 поени и 11 скока, а Ајзеја Хартенштајн запиша 12 поени и 15 скока.

Кај Сан Антонио, Стефон Касл постигна 24 поени, Џулијан Шампањи 22, а Виктор Вембањама 20, но со шут од игра 4 од 15. Сан Антонио имаше проблем и со шутот за три поени, бидејќи промаши 29 од 41 обид.

Оклахома сити тандер го скрши отпорот на противникот со 40 поени во втората четвртина и во третата стигна до предност од 20 поени.

Гостите подоцна се доближија на осум поени негатива, но во финишот на третата четвртина бурно реагираа поради неколку спорни судиски одлуки.

Социјалните мрежи „горат“ поради, како што се тврди, скандалозните судиски одлуки во корист на актуелниот НБА-шампион, кои го решиле натпреварот.

Шестиот натпревар се игра во четврток, во Сан Антонио. Доколку биде потребна мајсторка, серијата во сабота повторно се сели во Оклахома сити, додека Њујорк никс го чека победникот од финалето на Западната конференција пред стартот на НБА-финалето на 3 јуни.

- Оглас -

Најнови вести