Олимпијакос испрати барање до АБА-лигата

Олимпијакос испрати официјално барање до челниците на АБА-лигата за приклучок во јадранското првенство. Oд таборот на грчкиот гигант се распрашуваат околу правилата и условите за влез во регионалното натпреварување. Претходно беше најавено дека Олимпијакос ќе го напушти грчкото првенство за да учествува во АБА-лигата.

„Точно е дека Олимпијакос контактираше со нас околу приклучок во лигата. Нивното раководство со официјално писмо се распрашуваше околу условите“, изјави директорот на АБА, Крешимир Новосел.

Оваа одлука доаѓа по решеноста на Олимпијакос да истапи од грчкото првенство по отворената „војна“ со Панатинаикос. „Црвено-белите“ одбија да го доиграат второто полувреме во неодамнешниот полуфинален меч во грчкиот Куп поради спорни судиски одлуки. ПАО потоа го одби условот на тимот од Пиреја да ги играат идните среди само со странски арбитри.

Во случај МЗТ Скопје да обезбеди враќање во јадранската елита, трикратниот европски првак може да гостува во СЦ „Јане Сандански“.

- Оглас -

Најнови вести