Ова беше најлоша варијанта за Ѓоковиќ: Медведев против Надал во финалето на Отвореното првенство на Австралија

Данил Медведев ќе игра против Рафаел Надал во финалето на Отвореното првенство на Австралија. Ова е јасно откако Русинот со 3:1 во сетови го победи Стефанос Циципас во меч кој траеше два и пол часа.

Првиот сет беше најдраматичен, а Медведев го доби во тај-брејк. Двајцата тенисери беа непогрешливи на свој сервис, па мораше да се игра тај-брејк. Циципас водеше со 4:1 и беше на прагот да го освои сетот, но Медведев заигра одлично и од следните седум поени, шест беа на контото на Русинот за 7:5.

Во вториот сет, Циципас беше поагресивен, двапати успеа да го освои сервисот на противникот и го доби сетот со 6:4 за израмнување на 1:1. Во овој дел од мечот, Медведев многу му се налути на судијата и почна да го навредува, прашувајќи го дали е глуп и велејќи дека не знае како се суди полуфинале на гренслем.

Третиот сет се покажа како клучен за полуфиналето. Беше 4:4, Медведев го доби својот сервис за 5:4, а потоа успеа да направи брејк за 6:4 и добивање на сетот.

Токму овој загубен гејм делуваше уништувачки за Гркот. Во четвртиот сет Циципас едноставно се предаде, па Медведев лесно го доби со 6:1 и си обезбеди место во финалето.

За Медведев ова е второ финале на Отвореното првенство на Австралија, а вкупно четврто во кариерата. Доколку Русинот го освои турнирот, ќе биде новиот број 1 на АТП-листата потиснувајќи го Новак Ѓоковиќ. Ако Надал го освои трофејот, тоа ќе биде рекорден 21-ви гренслем-трофеј за Шпанецот и ќе им избега на Ѓоковиќ и Роџер Федерер на вечната листа. Кој и да победи во финалето, Новак ќе биде детронизиран од една позиција.

- Оглас -

Најнови вести