Ова е најлудата приказна од синоќешниот дуел на Сити и Тотенхем

Играчите на Манчестер сити, а посебно тие на Тотенхем, засекогаш ќе го памтат нивниот синоќешен меч во четвртфиналето од Лигата на шампиони. Драмата која се случи во судиското надополнување, кога најпрво Сити даде гол за 5-3, а потоа судијата Чакир го поништи за радост на гостите, секој ја преживеал на свој начин. 

Најинтересна од сите е приказната на Муса Сисоко. Играчот на Тотенхем беше стартер, но мораше да го напушти теренот поради повреда во 41-вата минута. Сисоко го истегна мускулот и остатокот од мечот го гледаше од клупата за резерви. Сепак, Сисоко не издржал до крај, па кога Сити даде гол за 5-3, Сисоко решил да замине во соблекувалната.

„Бев на клупата за резерви кога видов дека Сити даде гол за 5-3. Тоа значеше дека ние ќе испаднеме. Тоа ме скрши и веднаш решив да заминам во соблекувалната. Бев сам, никој не тргна по мене. Таму немаше телевизори на кои би го гледал финишот на средбата и во мојата глава беше мислата дека сме елиминирани. По неколку минути во соблекувалната се појави еден член од нашиот стручен штаб и почна да вика „Неверојатно, успеавме!“ Бев збунет и го прашав како тоа сме успеале. Тогаш ми објасни дека голот е поништен. Веднаш заборавив на повредата и истрчав на теренот за да прославам. Преживеав голем емотивен шок“, открива Сисоко.

- Оглас -

Најнови вести