Овој човек е „тајното оружје“ на Реал Мадрид

Реал Мадрид сезонава прима малку голови, никогаш во историјата тимот не играл толку добро во одбраната, а дефанзивната линија е речиси иста од претходните сезони, со вклучување на Ферлан Менди. Но, левиот бек од Франција, кој е подобар одбранбен играч од Марсело, не е единствената причина за драстичниот напредок на Реал во дефанзивата.

Во стручниот штаб на Реал ново име од летоска е и Грегори Дупон, човекот кој беше задолжен за физичката подготовка на француската репрезентација. Дупон со Франција го освои Мундијалот во Русија 2018 година, а сега и во Реал покажува дека е врвен стручњак и кондициски тренер.

Летоска многу играчи на Реал имаа мускулни повреди, па по некои медиуми се пишуваше дека 47-годишниот Дупон ги префорсирал и дека „не го бива“, но сега фудбалерите на Кралскиот клуб се како мотори, трчаат многу, а мускулните повреди речиси и ги нема. Франција и со физичка сила ги добиваше ривалите на Мундијалот, заслугата беше на човекот кој не сака да се експонира во јавноста, но делува од сенка и успешно го прави тоа.

Дупон е член на комисијата на УЕФА за превенции од повреди, велат дека е најдобар во нутриционизмот, индивидуалната работа со спортистите, бодибилдингот, а и самиот дава пример како треба да се внимава на телото со тоа што секој ден вози велосипед по 35-40 километри. Зидан сето ова го знаеше и го ангажираше. Трансферот на Дупон може да биде клучен во остварувањето добри резултати и освојување на некој трофеј.

- Оглас -

Најнови вести