Овој меч сигурно никогаш нема да биде наместен: Најскапиот дуел во историјата го играат второлигашки екипи

Сезоната во Англија традиционално се завршува со најскапиот меч во историјата на фудбалот. За овој меч сигурно може да се каже дека никогаш никој не би прифатил да го намести, затоа што неверојатна е сумата која може да се заработи со победа.

Спектаклот ќе се игра вечерва на „Вембли“, а победникот ќе обезбеди место во Премиер лигата. Брантфорд и Фулам се двете екипи од Чемпионшип кои успеаа да стигнат до финалето каде, според направените пресметки, победникот ќе заработи сигурни 160 милиони фунти во следните три сезони. Сумата може да стаса и до 265 милиони фунти, или безмалку 300 милиони евра, ако победникот од плејофот успее да опстане во Премиерлигата во првата сезона како член на елитниот фудбалски ранг во Англија.

БРАНТФОРД ЦЕЛИ 73 ГОДИНИ ЧЕКА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕЛИТАТА

Брантфорд е екипа која беше со еден од најмалите буџети во Чемпионшип, но фудбалерите на овој тим, на терен покажаа дека имаат победнички менталитет. Ова е клуб кој дури  73 години чека за пласман во елитното англиско натпреварување.

„Имаме големи амбиции и големи соништа. Веруваме во нашите можности и на Вембли треба да настапиме со полно самодоверба. Фулам е поголем клуб од нас. Лани испаднаа од Премиер лигата и се помоќни и поискусни од нас. Сепак сезонава ние ги победивме два пати и тоа ни влева самодоверба“, вели тренерот на Брентфорд, Томас Франк.

ФУЛАМ Е НАВИКНАТ ДА БИДЕ ДЕЛ ОД ПРЕМИЕР ЛИГАТА

Интересно е што и Брантфорд и Фулам се лондонски екипи чии стадиони се одалечени само шест километри. Финалето ќе го играат на најголемиот стадион „Вембли“, но за жал поради пандемијата со Коронавирусот, не е дозволено да има навивачи, па ќе изостане фештата.

Фулам е екипа која помина 13 последователни сезони во Премиер лигата, а потоа во 2014 година испаднаа во Чемпионшип. Тимот од Кревин Котиџ веќе има искуство од играње на ваков плеј-оф за пласман на Премиер лигата, откако пред две години се радуваа на влез во елитната англиска лига, победувајќи ја Астон вила со 1:0.

 

- Оглас -

Најнови вести