4.8 C
Skopje
петок, 14 ноември 2025
Дома Blog Страница 10003

До 12 часот ќе се знае, поддршка или отказ за Нико Ковач

Иако резултатите на Баерн Минхен сезонава се невообичаено лоши за нивни стандарди, сепак, раководството најверојатно ќе му даде шанса на тренерот Нико Ковач. За 11 часот, закажана е прес-конференција со тренерот Нико Ковач, а во 12 ќе се обратат челниците Ули Хенес, Карл Хајнц Румениге и Хасан Салихамиџиќ.

Судејќи според фотографиите кои ги објавија од Баерн како покана за пресот, а на кои Ковач е насмеан, помали се шансите да му биде врачен отказ, и веројатно ќе се објави дека клубот му дава целосна поддршка да продолжи со работата со тимот, освен ако нешто не се смени во последен момент.

Баерн има низа од четири меча без победа и тоа ретко им се случува, па затоа се шпекулира дека е загрозено местото на Хрватот. И германските медиуми не знаат што ќе се случи, но сигурно дека ќе биде интересно пладне во Минхен.

Леброн „здиве“ на стартот, но потоа Портланд го скроти (Видео)

Леброн Џејмс со пораз дебитираше во дресот на Лос Анџелес лејкерс во НБА лигата. Рано утрово, „кралот“ го одигра првиот натпреварувачки дуел за Лејкерс и загуби. „Езерците“ беа поразени на гостувањето кај Портланд со 128:119.

Интересно беше дебито на Џејмс. Тој започна силовито и уште во првите неколку минути имаше две забивања, покажувајќи кој ќе биде главен во тимот.

https://twitter.com/Lakers/status/1053118201465171968

Три четвртини се водеше неизвесна битка на теренот на Портланд, а домаќините во последната четвртина ја стекнаа предноста која им овозможи мирна завршница. Во решавачките 12 минути Портланд влезе со предност од 93:91, но потоа со неколку поени во низа стигнаа до двоцифрена предност, која Лејкерс не успеа да ја стигне до крајот на дуелот.

https://youtu.be/QZHkoR0Fz6U

Леброн одигра 37 минути и заврши со 26 поени, 12 скока, а имаше и шест асистенции. Џош Харт додаде 20 поени, Инграм имаше 16, а Кузма постигна 15 поени за поразенот тим. Во тимот на Портланд, Лилард со 28 поени беше предводник до победата.

Во останатите два меча кои се одиграа утрово: Филаделфија – Чикаго 127:108, Вашингтон – Мајами 112:113.

 

Хигинс го загубил „апетитот“ по снукерот

Шкотланѓанецот Џон Хигинс изјави дека некако во последно време се чувствува потиштено, откако годинава и лани ги загуби финалињата на Светското првенство во снукер. Хигинс вечерва беше елиминиран во осминафиналето на Отвореното првенство на Англија, откако водеше со 2-0, а загуби со 2-4 во партии (фрејмови) од Марк Дејвис.

Хигинс кој има 43 години, вели дека ја загубил желбата за играње.

„Имам проблем на тренинзите и кога играм. Ги загубив последните две финалиња на СП и тоа како да ме нокаутираше. Не тренирам, ретко играм, а и кога настапувам, играта ми е лоша. Во текот на сезонава ќе се вратам во форма, но сега сум катастрофа“ – изјави четирикратниот светски шампион во овој спорт.

Будуќност не успеа ниту против Макаби

Првакот на АБА лигата, Будуќност, ниту против Макаби не успеа да ја извојува првата победа во Евролигата. Црногорците водеа после 30 минути игра, но нападот им затаи во финишот, па гостите со две раце го зграпчија подарокот и дојдоа до првата победа сезонава.

Скоти Вилбекин со 28 поени беше најефикасен во победничкиот тим. Ова беше трета пресметка на Будуќност и Макаби, и трета победа на „Гордоста на Израел“.

Панатинаикос со 102 поени ги реши „канаринците“ од Лас Палмас во првиот меѓусебен дуел помеѓу овие два клуба, а до првата радост дојде Барселона, која беше подобра од Баерн Минхен. Актуелниот тренер на Барса, Светислав Пешиќ, од 2012 до 2016 година го водеше Баерн.

ЦСКА рутински дојде до третата победа во третиот настап сезонава, иако конечниот резултат не покажува доминација против Дарушафака. За утеха на турскиот тим, првпат од Москва се вратија со едноцифрен пораз.

РЕЗУЛТАТИ: ЦСКА Москва – Дарушафака 79:75, Будуќност – Макаби Тел Авив 68:78, Панатинаикос – Гран Канарија 102:87, Барселона – Баерн Минхен 83:73.

Реал на Лопетеги е на 55 минути од негативен рекорд

Реал Мадрид нема дадено гол цели 409 минути, што е 6 часа и 49 минути, и тоа е за 55 минути помалку од неславниот клупски рекорд кој беше поставен во 1985 година. Пред 33 години, Реал немаше дадено гол 464 минути.

Мадридскиот тим не даде голови против Алавес, ЦСКА Москва, Атлетико Мадрид и Севилја, плус 49 минути против Еспањол. Од погодокот на Марко Асенсио во првото полувреме со Еспањол, Реал ја нема затресено мрежата. Затоа, не е сеедно дали оваа генерација ќе остане запаметена по нов неславен рекорд.

В сабота, Реал го пречекува Леванте, и ќе има цел да даде гол(ови) и да освои три бода, во спротивно, шансите на Хулен Лопетеги да остане тренер на европскиот првак ќе се намалат. Леванте е клубот против кој во 2003 година, Лопетеги ја почна тренерската кариера во Рајо Валјекано и загуби со 0:2.

Минатата година Реал со Зинедин Зидан како тренер, тимот имаше низа од 73 меча по ред на кои даваше гол, а сега со речиси истиот играчки кадар, се блиску до неславен рекорд.

Серхио Перес останува во Форс Индија и во 2019

И официјално, Серхио Перес ќе вози за Форс Индија и во следната година од шампионатот во Формула 1. Мексиканскиот пилот од 2014 е член на Форс Индија, а во Ф1 е од 2011.

Со потврдата на Перес, тимот ја има една половина од возачкиот тандем. Се очекува клупски колега на Перес да биде Ленс Строл.

Во моментов, Перес е седми во генералниот пласман во конкуренција на пилоти, и тој е единствениот што годинава се искачи на подиум, а да не е од трите најсилни тима Мерцедес, Ферари или Ред Бул.

Сега јасно е дека наредната година за Мерцедес повторно ќе возат Хамилтон и Ботас, во Ферари ќе бидат Фетел и Леклерк, за Ред Бул ќе бидат Верстапен и Гасли, во болидот на Рено ќе се најдат Рикиардо и Хулкенберг, за Хас ќе визат Грожан и Магнусен, за Мекларен Саинс и Норис, во Торо Росо едниот ќе биде Квјат, а за Заубер ќе се тркаат Раиконен и Џовинаци.

 

Во квалификациите за ЕП 2020, УЕФА забрани Србија да игра со Косово

По завршувањето на Лигата на нации, на 2 декември во Даблин ќе има ждрепка за квалификациите за Европското првенство 2020 година, а УЕФА одреди четири дуели кои нема да бидат можни поради политички причини.

ЕП 2020 ќе се игра во девет различни земји. УЕФА практикува одредени репрезентации да не ги вкрсти со ждрепките, па така ќе биде и овојпат.

Во квалификациите за ЕП 2020, нема да биде можно во иста група да се најдат Србија и Косово, потоа Русија и Украина, Шпанија и Гибралтар, како и Ерменија против Азербејџан. Сите овие земји имаат затегнати политички односи или не признаваат постоење на соседот, па УЕФА сака да избегне непријатности.

Металург без Јагањац, а со Шпенде против Татран?

Саботната средба со Татран Прешов од 7. коло на СЕХА лигата, е фокусот кон кој е насочен ракометниот клуб Металург, после серијата порази во меѓународните натпреварувања.

Халил Јагањац преоѓа во Нексе, откако ги договорил сите услови, па Металург останува без него, и веројатно нема да настапи со Татран. Празнината ќе се обидат да ја затворат со ангажирањето на Александер Шпенде.

Тренерот Данило Брестовац после поразот од Железничар Ниш рече дека тимот е заморен, но оптимист е дека во иднина ситуацијата ќе биде подобра.

„Натпреварот со Татран е последен од овој прв циклус пред паузата. Влезени сме во лош ритам. Овие средби, паралелно во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата, како да земат замав и изгледаме уморно и исцрпено, особено на левата страна. Се надевам дека ќе го имаме и новиот играч Шпенде кој ќе ни помогне. Се надевам дека ќе покажеме дека сме на прав пат. Татран има поквалитетен состав и е подобар од Железничар, но се надевам дека на следниот меч ќе бидеме многу подобри“, – изјави Данило Брестовац.

Средбата со Татран Прешов се игра в сабота, со почеток во 20.15 часот, и ќе има хуманитарен карактер, а влезниците ќе чинат 100 денари. Приходот ќе се донира за лекувањето на малата Дарија, која поради предвременото раѓање е во критична состојба и е задржана во единствената приватна клиника која нуди стручна нега за нејзиното закрепнување.

 

Ако остане без Нејмар, ПСЖ ќе тргне по Гризман

Пари Сен Жермен би му платил 150 милиони евра на Атлетико Мадрид за слободата на Антоан Гризман, во случај ако незадоволниот Нејмар си замине од клубот.

ПСЖ најверојатно во летото 2019 година ќе биде расположен да ги слушне понудите кои ќе дојдат за Нејмар, а клубот има и план Б, што ќе прави доколку го продадат најскапиот играч на светот. Парискиот клуб со сите сили ќе тргне по Гризман, особено ако во декември биде избран за фудбалер на годината во изборот на „Франс фудбал“.

Во ПСЖ сметаат дека би било одлично ако во своите редови го имаат напаѓачкиот тандем на француската репрезентација Гризман-Мбапе.

ПСЖ за Нејмар бара повеќе од 200 милиони евра, а за него има интерес од Реал Мадрид, но во игра е и камбек во Барселона, како и некои помалку веројатни опции од Англија, Кина и САД.

МЗТ Скопје е најефикасен тим во втората АБА лига

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром е најефикасен тим во АБА 2 лигата со просек од 89,5 поени по натпревар, а истотака, „металците“ се најдобри во лигата и кога станува збор за реализација на „двојките“.

МЗТ по првите четири кола има просек кој е на 5,5 поени поголем од тој на второпласираниот Сплит, но треба да се каже дека македонскиот тим играше и десет минути повеќе, поради двете продолженија во овие четири рунди. Најнеефикасен тим во втората АБА е Зрински, со просек од само 65,7 поени, а првакот на БИХ е наредниот противник на „штрковите“.

Аеродромци се и тим кој има најмногу обиди и погодоци за два поени. Кај реализацијата на двојките, МЗТ е втор зад Сплит. Сплиќани и Приморска се непоразени после четири кола, а МЗТ е третопласиран со 3-1, колку што има и сараевски Спарс.

Од друга страна, иако во МЗТ има доста играчи кои знаат да погодат тројка, тимот не го користи премногу шутот од далечина. Само Сплит и Вршац шутирале помалку тројки, а помалку тројки од МЗТ има само Зрински. Но, според процентот на реализација на тројките, МЗТ е шести со 31 отсто прецизност (27 тројки од 87 обиди).