5.8 C
Skopje
петок, 14 ноември 2025
Дома Blog Страница 10010

Толку беше од еуфоријата, Хрватите го нападнаа Далиќ

Хрватска го победи Јордан со минимални 2-1 во пријателски меч, но кај светскиот вицешампион немаше место за задоволство. Во третиот обид по СП, Хрватите дојдоа до првата победа, но се поставува прашањето кој треба да игра во иднина, а кој не.

Од оние што беа на Мундијалот, фалеа дури 13 играчи и дуелот со Јордан требаше да послужи да се види со што располагаат. Головите против Јордан ги дадоа дефанзивците Вида и Митровиќ.

Она што ги загрижува Хрватите се настапите во Лигата на нациите. Прво зборуваа дека тоа натпреварување не им е важно, а сега уверуваат дека е корисно. Но, ако сакаат да не испаднат во Лига Б, не треба да примаат по шест гола како со Шпанија. На втори декември е ждрепката за квалификациите за ЕП 2020 и не е сеедно на кое место ќе се најдат.

Во Лигата на нациите им остануваат уште дуелите со Шпанија, дома на 15-ти ноември и три дена подоцна гостување во Англија. Шпанците имаат шест бода, Англичаните четири, а Хрватска само еден, но и со меч помалку од ривалите, па со две победи може да биде и првак. Сепак, ако не победи на „Вембли“, веројатно ќе биде последна.

Претседателот на ИОК со нашите младински олимпијци

Во младинското олимписко село, претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, д-р Томас Бах, ја посети македонската младинска олимписка екипа, при што поединечно разговараше со членовите на нашата делегација.

Утре, на младинскиот олимписки турнир во карате во Буенос Аирес, во младинскиот олимписки парк ќе настапи нашиот најдобар млад каратист Фаик Весели, кој под водство на неговиот тренер Александар Кузмановски ќе се обиде да постигне пласман кој ќе ги израдува сите кои го чекаат првиот медал на Македонија на Младинските олимписки игри.

Бејл наместо да игра против Ирска, се врати во Мадрид

Ѕвездата на Велс, Герет Бејл, вечерва нема да настапи против Република Ирска во Лигата на нациите, офанзивецот се врати во Мадрид, каде што ќе продолжи да закрепнува од повредата на препоните.

Дваесет и деветгодишниот фудбалер се повреди во градското дерби против Атлетико, подоцна настапи против Алавес и се појави на собирот на националниот состав во пресрет на оваа репрезентативна пауза. Сепак, прогнозата од медицинскиот тим на Велс е дека тој не е подготвен за репрезентативни активности, па се врати во шпанската престолнина.

„Бејл се врати во Мадрид и нема да биде на располагање кај селекторот Гигс за вечерашната пресметка во Даблин“, стои во соопштението од Федерацијата на Велс.

Велс по два меча во Лигата на нациите, има еден триумф и еден пораз, на првиот дуел со Ирска славеше со убедливи 4-1, а Бејл беше стрелец на вториот гол, додека асистираше за четвртиот погодок.

Енрике: Логично ќе беше да ги „убиев“ играчите

Англичаните вчера ја шокираа „црвената фурија“ во Севилја со триумфот од 3-2. Никој не очекуваше дека избраниците на Луис Енрике толку лесно ќе примат три гола во првoто полувреме, а потоа со два погодоци ќе се спасат од дебакл. Селекторот  Енрике го претрпе првиот пораз како предводник на шпанската репрезентација, па разбирливо е дека не беше задоволен.

„Логично ќе беше да ги убиев играчите по ваков настап. Но, јас сакав да ги охрабрам, се трудев да го одржам нивниот дух и да ги потсетам дека сите големи селекции можат да се најдат во ваква ситуација. Знам дека на фудбалерите не им е потребна остра критика за да играат на високо ниво, жал ми е што ги разочаравме фановите. Во првото полувреме бевме навистина лоши, штета што порано не го постигнавме вториот гол“, истакна Енрике по мечот.

Шпанија и покрај поразот, останува прва во групата 4 од сегментот А во Лигата на нациите, а ѝ преостанува гостување во Хрватска против „коцкестите“, натпревар во кој со евентуална победа, ќе го потврди пласманот во плејофот.

„Не е лесно да се биде во група со две селекции кои беа полуфиналисти на последниот Мундијал. Ние и натаму ја контролираме групата, ни преостанува натпреварот против Хрватска, во кој треба да победиме за да го осигураме првото место“, додаде Енрике.

Натпреварот Хрватска – Шпанија е предвиден за следната репрезентативна пауза, односно на 15-ти ноември.

 

Торонто и Нешвил влегоа во серија победи

Торонто мејпл лифс лесно стигна до шестиот триумф сезонава, и тоа во низа, откако славеше со конечни 4-1 против Лос Анџелес кингс. Домаќините уште во првата минута го отворија резултатот, а во победата придонесе Капанен со два гола, по еден постигнаа Мерлоу и Марнер, додека Ковалчук во последниот период постигна почесен погодок за „кралевите“.

Торонто со оваа победа се зацврсти на првата позиција на табелата во Источната конференција, само со еден пораз од седум меча имаат 12 бода, три повеќе од второ пласираниот состав на Каролина.

„Предаторите“ од Нешвил остварија серија од три победи, совладувајќи ја екипата на Минесота со 4-2. Откако и двете екипи постигнаа по еден гол во првиот период, искористувајќи ги ситуациите со играч повеќе, домаќините го направија првиот чекор кон победата со два гола во вториот период, додека Саломаки на неколку секунди пред крајот погоди празен гол и ги реши дилемите на средбата.

Нешвил по поразот од Калгари, им врати на победите, па така изби на челната позиција во Западната конференција со 10 бода од шест меча.

Резултати НХЛ:

Торонто мејпл лифс – Лос Анџелес кингс 4-1

Нешвил предаторс – Минесота вајлд 4-2

Монтреал канадиенс – Детроит ред вингс 7-3

Отава сенаторс – Далас старс 4-1

О`Саливен: Салата во Кроули ми смрди на урина

Рони О`Саливен вчера упати жестока критика за организаторите на турнирот во снукер Отвореното првенство на Англија, кој годинава се игра во Кроули, изјавувајќи дека делот каде што играчите даваат интервјуа му смрди на урина.

Петкратниот светски првак смета дека организаторите требало повеќе да се потрудат и дека објектот во кој се игра турнирот не е според стандардите за ваков важен настан. Рони во првото коло го совлада Курт Мафлин, а денеска игра со Елиот Слесор.

„Ваквиот објект ве демотивира да играте. Ова е најлошото место кое сум го видел. Додека давав интервју, можев да намирисам урина. Нема атмосфера, додека тренирате, има жици околу масата, нема обезбедување, луѓе трчаат на сите страни. Очигледно се штедело на буџетот за организација. Играчите заслужуваат повеќе од ова, потребно е да се инвестира“, изјави 42-годишниот О`Саливен.

И организаторите од Светската федерација се изненадени и разочарани од критиките на Рони, бидејќи никој друг не се пожалил. И светскиот првак Марк Вилијамс рече дека не се согласува со О`Саливен.

Томпсон: Со титула да се простиме од „Оракл арената“

Бекот на Голден стејт вориорс, Клеј Томпсон, во пресрет на почетокот на новата сезона во НБА, посочи дека има една желба пред неговиот тим да се пресели во нова арена, поточно „Чејс центарот“, каде што „воините“ ќе играат од 2019 година.

„Сакаме да освоиме уште една титула пред да ја напуштиме оваа прекрасна арена. Не само поради „Оракл“, туку и поради сите навивачи во Оукленд, кои ѝ се лојални на оваа екипа повеќе од 40 години. Тешко ќе биде да се повтори атмосферата каква што е во „Оракл арената“, особено кога треба да се преселиме во нова сала. Не е лесно да се изгради истата интима со навивачите каква што е во моментов“, посочи Томпсон.

„Воините“ имаат фантастичен учинок во „Оракл“ откако на клупата на франшизата застана Стив Кер во 2014 година. Забележаа 143 победи, сметајќи ги и 16-те последователни триумфи во плејофот минатата сезона, додека само 21 пат беа поразени пред своите навивачи.

Новата сезона во НБА, актуелниот првак ја отвора пред своите фанови во дуелот против Оклахома сити тандерс, мечот кој ќе се одигра ноќеска, веднаш по завршувањето на премиерната средба помеѓу Бостон и Филаделфија. Во последните четири сезони, Голден стејт трипати се искачи на кошаркарскиот трон во САД.

За Тите не постои пријателски меч против Аргентина

Селекторот на бразилската фудбалска репрезентација, Тите, ја загрева атмосферата пред вечерашниот меч против Аргентина и вели дека „кариоките“ ќе играат како да е официјален натпревар. Средбата ќе се игра во Џеда, во Саудиска Арабија.

Селесао по слабиот пласман на Светското првенство во Русија, сега е во процес на реновирање, а многубројните пријателски мечеви треба да бидат искористени за да се наметнат нови лица кои треба да играат следната година на Копа Америка.

Тите не сакаше да открие со кои 11-мина ќе го почне дуелот со ривалот Аргентина, но максимално сериозно ќе му пристапат на мечот и веројатно ќе играат сите ѕвезди, како Нејмар, Кутињо, Фирмино, Каземиро и Алисон на голот.

Откако е селектор, Тите има два порази, еден од Белгија на СП и еден од Аргентина на пријателски меч во јуни 2017.

Џеко ја донесе БиХ на прагот од елитата во Лигата на нации

Един Џеко со два гола, негови први на стадионот „Грбавица“ во Сараево по 13 години, ѝ донесе победа на Босна и Херцеговина против Северна Ирска од 2-0 и сега Босанците се на чекор од пласман во елитната Лига А од Лигата на нациите. Им треба еден бод од гостувањето кај Австрија на 15-ти ноември или Австрија да не ја победи С. Ирска. Џеко, кој е капитен на „змејовите“, сега има 55 гола во дресот на националниот тим.

Во Лига А, Швајцарија славеше во Исланд со 2-1, по вториот триумф над Островјаните, се изедначи со Белгија, која исто така има 6 бода, но од два меча.

Во Лига Ц, Естонија и Унгарија ремизираа 3-3, а во истата група 2, Финска славеше над Грција со 2-0 и се квалификуваше еден ранг погоре, во Лига Б.

Во Лига Д, Белорусија киксираше и одигра 0-0 против Молдавија, па тоа го искористи Луксембург, кој со победата од 3-0 против Сан Марино, го зазеде првото место. Во пресудниот меч, Луксембург игра дома со Белорусите и победникот ќе биде потенцијален ривал на Македонија во битката за прво место во Лига Д и пласман на ЕП 2020.

 

Три шута, три гола и три бода за „трите лавови“ (Видео)

Англија по 31 година, извојува победа на гостување кај Шпанија, овојпат во меч од Лигата на нациите. Од 16-та до 38-ма минута, Англија даде три гола, и тоа од три обиди во рамките на голот, и славеше со 3-2. Головите за „црвената фурија“ беа дело на Пако Алкасер во 58-мата минута и Серхио Рамос во последните секунди.

Јунак на средбата е Рахим Стерлинг, кој три години немаше дадено гол за репрезентацијата, првпат погоди на гости, а сега даде два, колку што имаше и досега во кариерата. Му заврши серијата од 27 меча по ред без погодок за Англија. Досега имаше голови само со Литванија и Естонија, а вечерва два против „црвената фурија“.

Неговиот прв гол беше и прв за Англичаните на гостување во Шпанија од февруари 1987 година наваму. Тогаш победија 4-2, со четири гола на Гери Линекер.

Англија за првпат по 1992 не дозволи да врзе пет меча без победа на официјални мечеви, иако стартниот тим им беше најмлад во 21 век, со просек од малку над 23 години.

Неверојатна е статистиката. Англија само од три шута во рамките на голот на Давид де Хеа, даде три гола и освои три бода. Во првото полувреме, домашните имаа дури 71 отсто посед на топка, но џабе.

Шпанија дома немаше загубено од јуни 2003, од Грција, пред 5.609 дена. Оттогаш има 34 победи и четири нерешени. Шпанија првпат дома прими три гола на официјален меч, а на стадионот „Бенито Вилјамарин“ во Севилја ја има и најубедливата победа, оние легендарни 12-1 против Малта во 1983 година, победа со која се пласираа на ЕП 1984 и на европскиот шапмпионат стигна до финале.

Пако Алкасер има дадено 10 гола на последните шест меча, и тоа од десет шута кон противничките голови.

Погледнете ги головите од вечерашното дерби:

https://twitter.com/i/status/1051912027868987392

 

https://www.youtube.com/watch?v=a1jweErEaeQ

https://twitter.com/i/status/1051919275756142593

 

https://twitter.com/i/status/1051926892268462080

https://www.youtube.com/watch?v=lE3Bw9KfhtE