0.8 C
Skopje
петок, 14 ноември 2025
Дома Blog Страница 10011

Арда може да заглави 12 и пол години зад решетки

Фудбалерот на Барселона, кој како позајмен игра за турскиот Башакшехир, Арда Туран, се соочува со казна дури од 12,5 години затвор за инцидентот кој го предизвика во една истанбулска дискотека и се степа со познатиот пејач Беркај Шахин.

Туран ги отфрли обвинувањата дека го малтретирал Шахин и дека бил испукан куршум од неговиот пиштол во болницата каде што отиде да го посети човекот кој го удри со глава во нос, откако се скараа поради сопругата на пејачот, Озлем Ада Шахин.

Обвинителството го товари Арда за четири кривични дела: сексуално малтретирање, незаконско поседување на огнено оружје, нанесување физичка повреда и намерно нарушување на јавниот ред и мир.

Иако тој им се извини на својата сопруга и на жената на пејачот, нападнатиот Беркај вели дека има доверба во турскиот правосуден систем и оти фудбалерот ќе си ја одлежи заслужената казна.

Бејтулаи стана татко

Македонскиот репрезентативец Егзон Бејтулаи стана татко на ќерка, која ќе се вика Клеа.

Бејтулаи е со националниот тим во ерменски Ереван и таму ја дозна прекрасната вест. Со ова, расположението во репрезентацијата, кое и онака е одлично, се искачи на уште повисоко ниво, па фудбалерите прославија со новопечениот татко на денешната вечера. Фудбалерот на Шкендија има 24 години.

Утре, „рисовите“ ќе се обидат да ја совладаат Ерменија и да потврдат дека се неприкосновени во својата група од Лигата на нациите.

Болт: Зошто контрола за допинг? Немам договор со Маринерс

Атлетичарот кој посакува да почне и фудбалска кариера, Јусејн Болт, им се лути на австралиските фудбалски власти кои побараа од него да оди на тест за допинг. Спринтерот на пријателски фудбалски меч даде два гола и од него е побарано да оди на тестирање за да се види дали зема некакви стимулативни средства. Болт е на проба во клубот Маринерс.

Јамајчанецот, кој има 31 година, вели дека нема потпишано договор со клубот Сентрал коуст маринерс, тој официјално не фигурира како фудбалер, па затоа и се чуди зошто сакаат да го проверуваат.

„Се повлеков од атлетиката за да станам фудбалер и веднаш ми го прават ова. Како да одам на тест за допинг кога немам договор со клубот. Уште не сум професионален фудбалер. Ми објаснија дека тестот е бидејќи сум бил елитен спортист. Тогаш, во ред“, рече најбрзиот човек на светот и осумкратен олимписки првак.

Рубио кога дебитираше пред 13 години, немаше ни полни 15 (Видео)

Точно пред 13 години, плејмејкерот Рики Рубио влезе во историјата на шпанската кошарка со тоа што заигра во АЦБ-лигата на возраст од 14 години и 11 месеци. Рубио уште е најмладиот поединец кој заиграл во една од најсилните лиги на светот, па затоа тој 15-ти октомври 2005 година е историски датум во шпанската клупска кошарка.

Рубио своето деби го имаше како член на Хувентуд, клубот од Бадалона, кој во моментов го носи 20-годишниот македонски плеј Ненад Димитријевиќ. Според играта вчера, кога даде 15 поени против Реал Мадрид, Нено покажа дека може да биде наследник на Рики.

По заминувањето од Хувентуд во 2009, Рубио играше и за Барселона, Минесота тимбервулфс, а од 2017 година е член на Јута џез.

Сега Рики има 27 години и веќе е искусен играч, а еве како изгледаше точно пред 13 години:

Мејведер го прифати предизвикот од Нурмагомедов – Ќе има ли борба на непоразените?

Искусниот боксер Флојд Мејведер го прифати предизвикот да се бори против Хабиб Нурмагомедов, борецот кој пред извесно време го победи Конор Мекгрегор во борбата за титулата во лесна категорија во мешани боречки вештини. Нурмагомедов преку видео кое се појави на социјалните мрежи му порача на Мејведер дека е време да се борат двајцата непоразени, а овој без размислување го прифати предизвикот, истакнувајќи: „Да го вратиме сјајот на Лас Вегас, телевизиските куќи нека ги подготват милионите“.

Нурмагомедов по борбата со Мекгрегор, додаде уште една борба во која остана непоразен во неговиот скор од 27-0, додека лани Мејведер, исто така, го победи Ирецот во егзибицискиот бокс-меч кој се одржа во „градот на коцката“ и со тоа остана непоразен на 51 борба во неговата кариера.

За овој боксерски спектакл навистина да се случи, ќе биде потребна добра организација и многу пари, но фактот дека Мејведер има закажана борба со Пакјао пролетта во 2019 година, може да ја пролонгира најавената спектакуларна борба меѓу Мејведер и Нурмагомедов.

Нови главоболки за Валверде: Вермaлен ќе отсуствува шест недели

Белгискиот репрезентативец Томас Вермaлен поради повреда на бутниот мускул од десната нога, ќе отсуствува најмалку шест недели од терените, што создаде дополнителен проблем за тренерот на Барселона, Ернесто Валверде. Вермaлен се повреди на средбата против Швајцарија во Лигата на нациите и по првите медицински прегледи е утврдено дека дефанзивецот нема да биде во можност утре да настапи против Холандија, во пријателската средба за белгиските „ѓаволи“, а ќе пропушти и неколку средби за Барселона.

Во таборот на шпанскиот првак постојано се појавуваат проблеми. Самуел Умтити требаше да се врати во составот кон почетокот на ноември, но неговата повреда на коленото не закрепна според предвиденото и засега не е познато кога ќе се врати на терените, а отсутвото на Вермален му остави многу малку опции на Валверде во одбраната.

Барселона очекува три тешки дуели по завршувањето на репрезентативната пауза. Прво играат против Севилја во шпанскиот шампионат, потоа на свој терен го пречекуваат Интер во Лигата на шампионите, додека на 28-ми октомври е закажано првото Ел Класико за оваа сезона, односно дербито против Реал Мадрид.

Еден Англичанец посакува гол против Шпанија повеќе од кој било друг

Крилото на Манчестер сити и Англија, Рахим Стерлинг, се наоѓа во голгетерска криза во пресрет на натпреварот против Шпанија во Лигата на нациите. Англичанецот веќе 27 меча се мачи да ја затресе мрежата во дресот на „Гордиот Албион“, последен пат се радуваше на погодок во октомври 2015 година, во средбата против Естонија во рамките од квалификациите за Европското првенство кое се одржа во Франција пред две години.

„Најважно е да продолжам да се заканувам кон противничките голови. Кога бев помлад, не се интересирав толку за погодоците, повеќе сакав да покажам што умеам со топката. Но, сега сфаќам дека никој не ги памети тие фудбалски потези, туку важна е статистиката, односно колку гола ќе постигнам. Затоа морам што поскоро да постигнам гол и да ја прекинам сушата“, истакна Стерлинг.

Од мечот против Естонија, поминаа точно 1,102 дена откако Стерлинг последен пат даде гол. Тоа е еднакво на 1,810 минути кои ги поминал на терените, а на 27 средби дури 35 пати шутирал во рамките на голот, но останал без реализација.

Вечерашното дерби против „црвената фурија“, кое е закажано во 20.45 часот, ќе биде одлична шанса за Англичанецот да стави крај на голгетерската криза.

Милан крева раце од Бакајоко

Позајмицата на Тeмуe Бакајоко во Милан требаше да послужи како закрепнување од катастрофалната дебитанска сезона во дресот на Челзи. Сепак, „росонерите“ брзо сфатија дека Французинот не ги поседува потребните квалитети за да добива шанса во првиот тим, па италијанските медиуми тврдат дека Милан предвреме ќе ја прекине соработката со играчот од средниот ред, односно ќе го вратат во Лондон уште во јануарскиот преоден рок.

Бакајоко претставуваше еден од синонимите од шампионската сезона на Монако, но очигледно не е доволно кадарен да се навикне на италијанскиот фудбал, ниту на стилот на игра кој Џенаро Гатузо го негува во Милан. Оваа сезона Бакајоко настапи само на шест меча во црвено-црниот дрес, поточно 262 минути, од кои само 82 минути се на средби во Серија А. Од неговиот трансфер во Милан поминаа помалку од три месеци, а по сите изгледи, неговиот престој во градот на модата ќе заврши по Нова година.

Германија и Хрватска во неславно друштво со Сан Марино

Колку игра лошо Германија во овој циклус во Лигата на нациите, покажува и статистиката. По два порази и едно реми, Германија сѐ уште нема постигнато гол во ова натпреварување, а тоа се случува и со Хрватска.

По три кола одиграни во септемврискиот и октомврискиот прозорец, само пет репрезентации oд вкупно 55 учесници се без реализација, а Германија и Хрватска се најдоа во неславно друштво со Исланд, Естонија и Сан Марино.

Без разлика што Германија е во група со Франција и Холандија, односно Хрватска е во група со Шпанија и Англија, никој не очекуваше дека овие две селекции ќе бидат најголемото разочарување во досегашниот тек на ова натпреварување.

Во ноември ќе имаат последна шанса да го поправат впечатокот.

Кај тато е најубаво: Џовани сака игра за Атлетико

Напаѓачот на Фиорентина, Џовани Симеоне, за аргентинските медиуми истакна дека има голема желба да игра за Атлетико Мадрид, тимот кој го води неговиот татко Диего Симеоне. Дваесет и тригодишниот голгетер со своите добри игри за „виолетовите“ доби повик од сениорската репрезентација на Аргентина, а пред неколку дена дебитираше во дресот на „гаучосите“, но неговите квалитети ги забележаа и неколку европски клубови, меѓу кои е и Атлетико.

„Би било одлично да играм за Атлетико сѐ додека татко ми ја води екипата. Никогаш не добив прилика да играм под негово водство, бидејќи ниту еднаш ме нема прашано“, истакна Симеоне јуниор.

Џовани ја започна кариерата во Ривер плате, а во 2016 година се пресели во редовите на Џенова, каде што одигра една сезона пред да потпише за Фиорентина. Сезонава ја започна со два погодоци на осум меча во Серија А.