3.8 C
Skopje
среда, 12 ноември 2025
Дома Blog Страница 10042

Фаворити кои вечерва не треба да имаат проблеми: Арсенал и со „втор тим“ оди на победа

Дури 24 меча низ целиот континент ќе се играат во второто по ранг натпреварување на УЕФА, Лигата на Европа. Од огромната понуда која е дадена за типување, постојат неколку мечеви на кои има изразити фаворити за освојувања на трите бода.

Германскиот бундеслигаш Баер Леверкузен првпат ќе игра против АЕК Ларнака и фактот дека плус на своја страна го има домашниот терен, една од најдобрите екипи во Германија не би требало да има проблеми да стигне до победата. Покрај „единицата“, можно е да има и повеќе од три гола.

Дуделанж е првиот тим од Луксембург кој стигна да игра во групната фаза од Лигата на Европа. Сепак, дека тоа не е случајно, Дуделанж покажа на првиот меч, кога на свој терен минимално, со 0-1 загуби од Милан и не се посрамоти. Сега против Бетис на гости се очекува повторно да одиграат цврсто во одбраната, но тешко дека би можеле да одолеат во текот на сите 90 минути против шпанскиот тим.

Турскиот гигант Фенербахче не е многу заинтересиран за настапите во Лигата на Европа, но фактот дека противник во Истанбул им е Трнава, треба да значи дека бодовите ќе бидат за домаќините, кои би требало овој меч да им е пресврт и повторно да почнат да победуваат.

Арсенал гостува на Карабах, и тоа речиси со втор состав, но повторно „топчиите“ се фаворити. Премиерлигашот на овој меч ќе биде без Обамејанг, Чех, Косељни, Мхитарјан и Ремзи. Карабах на последните осум средби нема одиграно нерешено и ќе биде чудно ако овојпат успее да остане непоразен против големиот фаворит.

 

Роналдо откажа да игра за Португалија

На Кристијано Роналдо очигледно не му е многу до фудбал. Португалската ѕвезда неодамна беше обвинета дека во 2009 година силувал американска студентка, додека бил на одмор во Лас Вегас. По девет години, случајот повторно е активиран, а полицијата во САД отвори истрага.

Поради ваквите неочекувани настани кои немаат врска со фудбалот, Роналдо мора да докажува дека е невин, инаку може да добие долгогодишна затворска казна. Самиот фудбалер најави дека нема да игра за португалската репрезентација на претстојните мечеви од Лигата на нациите.

Актуелниот европски првак ќе ги пропушти натпреварите против Полска и Италија во рамките од Лигата на нациите, како и пријателскиот дуел против Шкотска. Последниот меч во националата селекција Роналдо го одигра против Уругвај на Мундијалот во Русија. Репрезентативната кариера ја започна во 2003 година, а  досега во 154 настапи даде 85 погодоци. Кристијано најави дека ова е привремено отсуство од националниот тим, но дека во иднина повторно ќе се врати во составот.

На Португалецот сезонава не му оди најдобро ниту во Јувентус. По малку неочекувано е за него во досегашниот дел од сезоната да има само три погодоци во првенството. Во Лигата на шампиони го пропушти дуелот против Јанг бојс поради црвениот картон добиен во средбата со Валенсија.

Ѕвезда на Наполи си го спаси животот со дадени 20.000 евра

Аркадиус Милик немаше многу причини за денеска да го слави триумфот на Наполи против Ливерпул. Полскиот репрезентативец одигра 68 минути во дербито против англискиот тим, а потоа беше заменет. По завршување на средбата, тој заминал да прослави, а кога решил околу 2 часот по полноќ да се врати дома, му се случила вистинска драма.

Додека возел со својот автомобил, бил пресретнат од двајца воорушени бандити на мотор. Тие му го попречиле патот со моторот, а потоа му впериле пиштол. Милик немал избор, па морал да го даде часовникот „Ролекс“ кој е во вредност од 20.000 евра. Само што го добиле часовникот, бандитите избегале, а фудбалерот кој останал неповреден, го пријавил случајот во полиција.

Милик не е првиот фудбалер на Наполи кој бил мета на грабеж. Претходно слична судбина доживеаа Марек Хамшик и Лоренцо Инсиње.

Николов на „Стемфорд бриџ“, Илиев на клупата на Арсенал

Бобан Николов со својот МОЛ Види вечерва го има веројатно најтешкиот натпревар за нив сезонава, гостување кај премиерлигашот Челзи. Николов ќе има чест да истрча на лондонскиот стадион „Стемфорд бриџ“ и ќе води битка во средината на теренот со играчи од типот на Канте, Ковачиќ, Фабрегас, Вилијан, Жоржињо, а ќе треба да помага во одбрана за да се запрат Еден Азар и Оливие Жиру. Челзи е фаворит, а за македонскиот интернационалец ова ќе биде големо искуство.

Аријан Адеми, кој наскоро ќе враќа во македонската репрезентација, со Динамо Загреб му гостува на Андерлехт. Белгискиот тим не е силен како во минатото, а Динамо, кој 666 дена нема гостински пораз, 48 години не играл еврокупови во пролет и ако освои три бода, ќе има шанса да се пласира во следната фаза. За Адеми, не се знае дали ќе биде стартер или резерва.

Иван Тричковски и Даниел Мојсов со АЕК Ларнака одат на мегдан кај Баер Леверкузен и немаат што да загубат, а може многу да добијат. Германците се фаворити, но кипарскиот тим ќе се обиде да изненади, можеби со некој гол на Тричковски. Фенербахче со Елиф Елмас го пречекува Спартак Трнава и ќе сака да се извади пред своите фанови за дебаклот во Загреб.

Дејан Илиев ќе биде резервен голман на Арсенал на гостувањето кај Карабах. По повредата на Петр Чех, голот на Арсенал ќе го брани Бернд Лено, а нашиот Илиев ќе чека шанса од клупата. Десниот бек Стефан Ристовски, со Спортинг Лисабон гостува кај непредвидливата Ворскла, чии навивачи се нацистички ориентирани и не е исклучено пред или на самиот меч да има некакви инциденти.

 

Турскиот Ван Бастен е нов тренер на Шкупи (Видео)

Турчинот Умит Каран е претставен пред медиумите како нов тренер на Шкупи. Дебито на клупата на Шкупи, 42-годишниот Каран ќе го има задутре, против Работнички.

Станува збор за екснапаѓач кој има постигнато 72 гола за осум сезони во Галатасарај, а најлегендарен му е погодокот против Маниса. Тој спектакуларен погодок со волеј предизвика воодушевување кај сите, особено кај голманот Фарид Мондрагон, кој се држеше за глава. Голот малку потсетува на оној на Марко ван Бастен од финалето на ЕП 1988, па затоа Умит доби прекар турски Ван Бастен.

Умит Каран е роден во Берлин, а ова му е прва тренерска работа во кариерата. Тој е познат во својата земја и по учеството во  реалното шоу „Survivor“.

Косовскиот селектор ја презеде Приштина

Хрватскиот стручњак Дамир Мулаомеровиќ е наименуван за тренер на клубот З-Мобиле Приштина. Популарниот Мула е актуелен селектор на националниот тим на Косово (противник на Македонија во претквалификациите за ЕП 2021), а од денеска го презема најтрофејниот клуб во таа земја.

Со работата во клубот, со кого ќе настапува и на меѓународна сцена (ФИБА Куп на Европа и БИБЛ), Мулаомеровиќ ќе има прилика секојдневно да работи со неколку косовски репрезентативци, но и подобро да се запознае со можностите на играчите од другите клубови.

Како играч, Мулаомеровиќ имаше одлична кариера, во 2002 со Панатинаикос ја освои Евролигата, наредната година играше и за Реал Мадрид, а како тренер, засега станици му се Слобода Тузла, Цибона и Приштина, додека како селектор работел во БиХ и Косово.

„Старата дама“ најдоминантна на Стариот Континент

Во целосна доминација и во домашното првенство и во својата група од Лигата на шампионите од европските клубови засега ужива само Јувентус. „Старата дама“ има девет победи на девет официјални мечеви во Серија А и ЛШ, биланс каков што нема никој друг на Стариот Континент.

Тимот на тренерот Масимилијано Алегри посакува да го стигне рекордот на Милан од 13 победи по ред на првите 13 официјални мечеви во сезоната 1992/93, но и вака има супер биланс.

Според италијанските медиуми, главни причини за ваквата ситуација се доаѓањето на Кристијано Роналдо, разновидноста во листата на стрелците и постојаното менување на тактичката формација.

Роналдо не дава голови колку што се очекуваа од него, но самото негово присуство е голем плус и отвора повеќе простор за останатите играчи на Јувентус. Тоа се гледа и со фактот дека на секој меч, различен играч ги постигнува решавачките голови. Некогаш јунак е Дибала, некогаш Манџукиќ, некогаш Бернардески, па и Роналдо.

Тимот некогаш игра со тројца, некогаш со четворица дефанзивци, Алегри има неколку решенија, никогаш не е здодевно и подготвени се да го изненадат противникот.

Дибиров: Никој не смее да нѐ потцени

Македонскиот ракометен првак Вардар во сабота го очекува тежок дуел против Рајн Некар Левен во Лигата на шампиони.

Вардарци одлично ја започнаа сезоната во елитното натпреварување. Забележаа три победи во низа, а за два дена ќе целат кон нов триумф и продолжување на серијата.

„Рајн Некар е добро познат тим за нас, поседува квалитетни ракометари, знаеме дека предизвикот ќе биде тежок. Но, ние не го менуваме пристапот, со максимално вложување на силите ќе играме за повторно да издвоиме победа, а, секако, мотивација плус ќе ни биде и публиката. Вардар е еден од најдобрите тимови во ЛШ, две години по ред игравме финале, на едно од нив и победивме. Затоа, никој не смее да нѐ потцени. Во Лигата на шампионите никого нѐ смеете да потценувате“, истакна Дибиров.

Тренерот Роберто Парондо е свесен за саботниот предизвик, смета дека посебно треба да се внимава во одбраната кога се игра против екипа како што е Рајн Некар Левен.

„Рајн Некар е исклучително квалитетен тим. Знаат да се снајдат во повеќе ситуации, константно го менуваат стилот на игра во текот на еден меч, што значи дека мора да бидеме максимално сконцентрирани во сите 60 минути, особено во одбраната“, додаде Парондо.

Натпреварот е закажан за во сабота, со почеток од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански“.

 

Вудард од МЗТ е „крадец број 1“

Американскиот бек Џејмс Вудард, кој беше најкорисен поединец во првото коло од АБА 2-лигата, во вториот настап во дресот на МЗТ Скопје Аеродром се истакна во еден друг елемент – „крадење“ топки. Вудард на средбата со Борац Чачак имаше дури седум освоени топки, што е доказ дека тој е одличен дефанзивец.

Пресекувањето на топките при противнички додавања беше неговиот специјалитет против Борац и со тоа се овозможија доста поени од контранапади на „штрковите“.

Вудард повторно беше најкорисен кај МЗТ, ако се гледа индексот на корисност и разликата која тимот ја направи додека тој беше на паркетот, но феноменалната одбрана беше она со што воодушеви. По две кола, Вудард има девет украдени топки и засега е лидер во оваа статистичка категорија. Може да биде престигнат само од Адин Врабац од Спарс, кој во првата рунда имаше пет освоени топки, а попладнево ќе го има својот втор настап.

Она што е речиси сигурно е дека Вудард со седум освоени топки, ќе биде прв „крадец“ во второто коло од регионалната лига, во која по двете кола, ќе има само три екипи без пораз.

Адеми и Хасани се враќаат за мечевите против Лихтенштајн и Ерменија

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонската, Игор Ангеловски, го соопшти списокот на играчи за дуелите против Лихтенштајн и Ерменија, во групата од Лигата на нациите. На 13-т- октомври во Скопје сме домаќини на Лихтенштајн, а потоа следи дуелот против Ерменија на гости.

Во првите два меча од групата, Македонија славеше против Гибралтар на гости со 2-0, а потоа со истиот резултат во Скопје беше победена Ерменија. За разлика од тој список, Ангеловски сега има тројца нови. Во националниот дрес се враќаат Аријан Адеми од Динамо и Ферхан Хасани од Ал Раед, а повикан е голманот Дамјан Шишковски од Лахти.

„Не бегаме од фаворитската улога. Ќе се обидеме да ја продолжиме фаворитската серија. Ова е стандарден список, а повратници се Шишковски, Адеми и Хасани. Сега се фокусираме на Лихтенштајн и очекуваме победа на тој меч. Потоа ќе размислуваме за Ерменија“, рече селекторот Ангеловски на прес-конференцијата.

Состав: Столе Димитриевски, Давид Милтон Нилсон, Дамјан Шишковски – голмани; Стефан Ристовски, Висар Муслиу, Егзон Бејтиулаи, Кире Ристевски, Дарко Велковски, Мите Цикарски, Кристијан Тошевски – одбрана; Аријан Адеми, Енис Барди, Стефан Спировски, Бобан Николов, Езџан Алиоски, Ферхан Хасани, Елиф Елмас – среден ред; Горан Пандев, Илија Несторовски, Александар Трајковски, Иван Тричковски – напад.

Собирот на репрезентацијата ќе биде на осми октомври.