Дома Blog Страница 10538

Интер казнет со два меча без публика

На наредните два домашни натпревари од Серија А, против Сасуоло на 19-ти јануари и против Болоња на трети февруари, екипата на Интер нема да има поддршка од трибините, туку ќе мора да игра без присуство на публика. Клубот од Милано доби суспензија од два меча поради расистичките извици кон Сенегалецот Калиду Кулибали од Наполи, кој доби црвен картон на синоќешниот дерби-меч.

Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти, сакаше мечот да биде прекинат кога почнаа расистичките извици кон неговиот фудбалер, но тоа не се случи.

Интер на следните две домашни прволигашки средби ќе игра без публика, а на третиот нема да смее да има гледачи на делот од трибините зад голот каде што има зелени столчиња и од каде што дојдоа навредливите извици.

Шејн Витингтон претставен како големо засилување

Шејн Витингтон, кој може да игра како крилен центар и центар, ќе биде големо засилување за екипата на Мовистар Естудијантес од Мадрид, велат тренерот и раководството на клубот кој го ангажираше американскиот Македонец.

Витингтон ја напушти Морабанк Андора и се пресели во Естудијантес, каде што веднаш почна со тренинзи со новиот клуб за којшто ќе игра до крајот на сезонава во шпанската лига. Тој беше претставен пред јавноста и во новата средина ќе го носи дресот со бројот 32.

„Се чувствувам како дома“, кратко порача Витингтон, кој би можел да дебитира веќе задутре, и тоа на гости против Андора, екипата чиј член беше до вчера.

Сепак, дали тренерот Берокал ќе му даде минутажа и колкава, со оглед на тоа дека многу кратко е во новата средина и не е прилагоден, останува да се види. Најпознати соиграчи на Витингтон во Естудијантес се Омар Кук, Алесандро Џентиле, Горан Сутон, Никола Јанковиќ и Ник Кејнер-Медли. Тимот е претпоследен на табелата со скор 3-9.

Хачанов е предизвикувачот на Ѓоковиќ

Карен Хачанов беше подобар од Доминик Тим со 7-6, 6-3 во второто четврт-финале на Светскиот тениски шампионат Мубадала во Абу Даби, па Русинот утре во полуфиналето ќе се сретне со Новак Ѓоковиќ. Овој егзибициски турнир е многу силен, но парична награда ќе добие само победникот од саботното финале.

Хачанов еднаш годинава го совлада Ѓоковиќ, и тоа на Мастерсот во Париз, а сега повторно ќе се обиде да го изненади најдобриот светски тенисер.

Инаку, Хачанов, кој има 22 години и 2018 ја заврши на 11-тото место на АТП-листата, се смета за еден од најталентираните на светот и потенцијален наследник на Ѓоковиќ, Федерер и Надал кои цела деценија го држат приматот. Тој сега има 2-0 во дуелите со Австриецот Тим.

Меси ја одби поканата од Роналдо

Лионел Меси, кој е во родната Аргентина за време на празниците и таму ќе остане до втори јануари, изјави дека засега нема намера да ја смени клупската средина. Неодамна, Кристијано Роналдо јавно го повика Лионел Меси да го следи неговиот чекор и да замине во некој италијански клуб, но таа покана е одбиена, засега сигурно, а можеби и засекогаш.

За Меси, Барселона е најдобриот клуб на светот и иако цела кариера е таму, постојано си наоѓа предизвици и мотиви како член на каталонскиот тим.

„Јас сум во најдобриот клуб на светот, Барселона е мој дом, а моите предизвици и мотиви се освежуваат и се појавуваат од сезона во сезона. Немам потреба од промена на клубот или лигата за да имам предизвик. Со Кристијано имавме здраво ривалство, двајцата сакавме да напредуваме, мислам дека беше добро за гледачите“, изјави Меси.

Португалецот Роналдо посака и Меси еден ден да заигра во Серија А и нивното ривалство да продолжи и таму, но Аргентинецот не сака таков предизвик.

Нема одложување, Серија А ќе се игра во сабота

Нема да има прекин во италијанската Серија А. Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина, најави дека е можна суспензија на првенството по инцидентите пред и по мечот Интер-Наполи, но денеска е одлучено сепак колото закажано за во сабота да се игра според планираното.

Пред мечот имаше инциденти и тепачки со повредени навивачи на двете страни, дури и една жртва (навивач на Интер беше прегазен од комбе со фанови на Наполи), а за време на средбата, гостинскиот фудбалер Кулибали беше навредуван од расистички настроените фанови на Интер.

„Лигата нема да се прекине, 19-тото коло ќе се игра во планираниот термин“, изјави Гравина, кој додаде дека пред да одлучи Федерацијата, се консултирале со челниците на клубовите и со Олимпискиот комитет.

Се планира состанок со водачите на навивачките групи, на кој ќе се кажат мерките кои ќе се преземат во иднина ако дојде до повторување на вакви проблеми и ќе се испрати порака дека нема да има толеранција за прекршителите на јавниот ред и мир, како и за расистичко однесување.

Андерсон му даде „фора“ на Чанг, па си закажа дуел со Надал

Кевин Андерсон беше подобар од Кореецот Хјуан Чанг со 6-7, 6-2, 6-1 во четврт-финалето на егзибицискиот „Мубадала светски тениски шампионат“ во Абу Даби. Со оваа победа, тенисерот од Јужна Африка си обезбеди пресметка со Рафаел Надал, кој ќе игра по долга пауза.

Андерсон го освои овој турнир минатата година, но во финалето играше со Роберто Баутиста Агут, а сега за да го повтори успехот, веројатно ќе мора да ги совлада двајцата најдобри на светот според АТП-листата. Утре во полуфиналето игра со Надал, а ако го мине, в сабота ќе има можно финале со Новак Ѓоковиќ, кој доцна попладнево ќе дознае дали ќе игра полуфинале со Хачанов или Тим.

Чанг, кој е единствениот учесник на турнирот што не е меѓу првите 10 на АТП ранг-листата, го доби првиот сет во тај-брејк и најави изненадување, но во вториот и третиот сет Андерсон беше доминантен и загуби само три гејма. Ова беше трети меѓусебен дуел помеѓу нив и трета победа на Андерсон, кој е шести машки рекет на светот.

Најдобриот асистент во АБА 2 нема да игра за МЗТ цел месец

Македонскиот вицешампион МЗТ Скопје има двојна штета од гостувањето во Чачак, кај Борац. На поразот се надоврза и повредата на плејмејкерот Лестер Медфорд, кој има скршеница на коската на дланката на десната рака и според проценките на лекарите, нема да може да игра еден месец.

Медфорд незгодно падна во финишот на мечот со Борац во Чачак, и тоа при еден дуел во последната четвртина, а веста за едномесечната пауза е лоша за МЗТ Скопје.

Американецот е најдобар додавач во АБА 2 лигата, односно има најмногу асистенции, а Аеродрмомци имаат серија тешки натпревари на почетокот на 2019 година и ќе мора да се снаоѓаат без првиот плејмејкер во тимот.

Во АБА 2 лигата Медфорд ќе пропушти 5-6 натпревари, а секако нема да може да игра ниту во нашата Прва лига. Особено значаен за МЗТ Скопје е дуелот со Блокотехна на 19-ти јануари. Во отсуство на Медфорд, на плејмејкерската позиција поголема минутажа би требало да имаат Магдески и Соколов.

Салах не симулирал и нема да биде суспендиран за дуелите со Арсенал и Сити

Мохамед Салах нема да биде казнет и ќе може да игра на следните два меча на Ливерпул против Арсенал и Манчестер сити. Најдобриот играч на Ливерпул беше под сомнение дека одглумил пенал на вчерашниот меч против Њукасл, во победата од 4-0 на „Енфилд роуд“.

На почетокот на второто полувреме Салах влезе во противничкиот шеснаесетник и по еден контакт со играч на Њукасл, падна и доби пенал. Овој пенал предизвика многу дилеми, а Салах беше обвинет и дека симулира. За докажана глума, играчот може да добие неколку меча суспензија. Ако тоа се случеше, Салах можеше да ги пропушти следните две дерби средби против Арсенал и Манчестер сити. 

Сепак, на снимката се гледа како Салах е повлечен за левата рака и рамото, а со тоа и судиската комисија нема аргументи на кои би можела да му додели суспензија, објави ББЦ.

 

Леванте има петмина недопирливи, Барди е меѓу нив

Леванте има петмина незаменливи играчи, а меѓу нив е и македонскиот репрезентативец Енис Барди. Кај сегашниот тренер Пако Лопес почна како резерва, но по блескавите голови од слободен удар што му ги даде на Кепа Аризабалага на 23-ти април на дуелот во Билбао со Атлетик, повторно се избори за место во стандардниот состав и сега според минутажата, е меѓу петте играчи на Леванте што најмногу се на теренот.

Во новата сезона во која се одиграни 17 натпревари во Ла Лига, Барди беше на теренот во дресот на Леванте точно 1.319 минути, а настапи на 16 меча во шпанското првенство. Пред него се само голманот Ојер Олазабал, кој бранеше комплетно на сите 17 мечеви, или вкупно 1.530 минути.

Најдобриот напаѓач и капитен на тимот, Хозе Луис Моралес мина 1.438 минути на теренот, а настапи на 16 натпревари. Пред Барди, со 1418 минути на теренот е уште само Хозе Кампања, што доволно говори за влијанието на нашиот репрезентативец врз играта на десеттопласираниот тим во Ла Лига.

Топ 5 го заокружува дефанзивецот Робер Пјер, кој е на позајмица во Леванте како играч на Депортиво Ла Коруња, а тој на терените ширум Шпанија сезонава мина 1.305 минути настапувајќи на 15 натпревари.

Клоп го смрзна Морено со откровението Робертсон

Левиот бек на Ливерпул, Алберто Морено, долго време е во втор план кај Јирген Клоп, тренерот што на таа позиција го лансираше откровението на сезоната Енди Робертсон.

Морено веќе петта година е член на лидерот на табелата во Премиер лигата, но на дружбата ѝ се ближи крајот, а Шпанецот наведе интересна причини за заминување.

„Не можам веќе да го поднесам студот во Англија. Не се чувствувам добро, не играм, иако мислам дека заслужив поголема шанса, откако се вратив по повредата. Секогаш давам максимум, но тоа не е доволно за да играм повеќе“, изјави Морено.

Сезонава има само два настапи за Ливерпул, а местото во првиот состав му го зеде извонредниот лев бек Енди Робертсон. Шкотскиот репрезентативец блеска во Премиер лигата и е вистинско откровение што го лансираше Клоп.

По долго отсуство по повредата, на теренот се врати и Натаниел Клајн, кој е резервна опција за таа позиција, па Морено е во длабока сенка и најави заминување од Ливерпул.