Дома Blog Страница 10825

„Штрковите“ летнаа кон Словенија

По одличниот старт во втората АБА-лига и поразот од Блокотехна во првата македонска лига, за МЗТ Скопе Аеродром утре од 18 часот следува тешко гостување во Копер кај Сикст Приморска. И Приморска извојува две победи во првите две кола и важи за еден од фаворитите за титулата во регионалното натпреварување.

„Штрковите“ попладнево со авион заминуваат за Љубљана, од каде што ќе се упатат кон Порторож, каде што ќе бидат сместени, а вечерва ќе тренираат во салата „Бонифика“, во која во 2013 година се играше и една група од Евробаскетот за мажи.

Еден од најдобрите играчи на Приморска е Иван Маринковиќ, кој пред неколку сезони беше во дресот на МЗТ, прв стрелец им е Марко Јагодиќ Куриџа, а таму се и Жан Марк Шишко и Лука Вончина, кои во минатата сезона играа заедно со Љубомир Младеновски во Илирија.

Пренос од натпреварот ќе има на телевизијата Арена 2.

„И ние и тие атакуваме на самиот врв на табелата. На првите два меча функциониравме како што треба, но имаме уште многу простор за напредување, ова уште е почетна фаза од сезоната. Мора да бидеме агресивни, да не му дозволиме на противникот да диктира свој ритам. Верувам дека можеме да победиме“ – рече плејмејкерот Лестер Медфорд.

 

„Трагичарот“ на Италија седна на клупата на Киево

Поранешниот селектор на Италија, Џампјеро Вентура, официјално е назначен за нов тренер на Киево откако Лоренцо Д‘Ана вчера доби отказ од управата на калчолигашот. Вентура се согласи на двегодишна соработка со „летечките магариња“.

Седумдесетгодишниот стратег беше без ангажман откако не успеа да ја однесе Италија на Светското првенство во Русија, „аѕурите“ за првпат по половина век не учествуваа на еден Мундијал. Последната клупска работа му беше во Торино, како предводник на „биковите“ од 2011 до 2016 година.

Вентура го очекува исклучително тешка задача бидејќи Киево сезонава уште нема остварено победа по осум кола во Серија А.

Ги нема Меси, Роналдо, Лева, тука се Стуани, Пјонтек, Пако

Ако се навикнавме први стрелци во најсилните лиги да бидат Меси, Роналдо, Кејн, Салах, Левандовски, сезонава сликата е изменета, па на чело се не толку скапи играчи, или примерот во Англија каде што најефикасен е играч од средниот ред, а не напаѓач.

Неочекувана е листата на најдобри голгетери. Во Шпанија, најефикасен е Кристијан Стуани од Жирона, 32-годишен Уругваец познат како близок другар на Кавани.

Иако во Ла Лига играат и Меси, Диего Коста, Гриезман, Суарес, Бејл, Бензема, засега Стуани ги засени. Зад Стуани е Андре Силва од Севилја, каде што игра како позајмен од Милан, а на дебито во шпанската лига постигна хет-трик.

Во Италија, прв стрелец е Кжиштоф Пјонтек, кој летоска во Џенова дојде за 4 милиони евра. Девет гола на седум меча за Полјакот е старт од соништата во Серија А.

Пако Алкасер во дресот на Борусија Дортмунд даде шест гола за 81 минути игра и засега има двојно повеќе голови од Роберт Левандовски, кој е фаворит за признанието прв стрелец.

Во Премиер лигата, Еден Азар од асистент, се претвори во гол-машина. Азар редовно ги тресе мрежите и засега во грб му гледаат Агуеро, Кејн, Салах и останатите голгетери. Во минатата сезона Азар даде 12 гола, а сега по осум кола, веќе има седум голови.

Вертонген два месеци надвор од терените

Тотенхем никако да одигра еден натпревар сезонава со комплетен состав. Јан Вертонген е новиот играч од редовите на „петлите“ кој ќе паузира одреден период поради повреда. Белгискиот дефанзивец го повреди бутниот мускул, а според последните медицински прегледи, се претпоставува дека ќе паузира повеќе од шест недели.

Повредата ја заработи пред десетина дена на мечот против Хадерсфилд, што го спречи дефанзивецот да настапи против Барселона во Лигата на шампионите и против Кардиф изминатиов викенд.

Белгиецот е еден од низата првотимци на Тотенхем кои не се достапни за Покетино, покрај Али, Дембеле, Орие, Роуз и Ериксен, а предводникот од меч за меч го крпи тимот.

Оваа повреда го спречи Вертонген да се стави на располагање кај селекторот на белгиската репрезентација, Роберто Мартинес, за следните натпревари против Швајцарија во Лигата на нациите, а потоа и против Холандија во мечот од пријателски карактер.

 

 

Вардар ја има најдобрата одбрана во Лигата на шампионите

Вардар и сезонава се истакна како екипа на која најтешко се дава гол. Во претходните сезони Вардар го красеше одличната игра во одбраната, а тоа се случува и оваа сезона, иако составот е доста променет, „црвено-црните” повторно господарат пред сопствениот гол.

На четири натпревари во Лигата на шампионите, Вардарци забележа исто толку победи, а примија само 101 гол. Тоа е најдобро остварување од сите екипи во двете групи. Под 110 голови досега се само уште ПСЖ (105) и ПИК Сегед (106), но и двата тима се наоѓаат во групата Б. Исто така, Вардар ја има и третата најдобра гол-разлика меѓу екипите од двете групи, со „плус 15″.

Групата А, каде што настапува Вардар, ја нарекуваат и „група на смртта” бидејќи настапува актуелниот европски првак Монпелје и плус уште три поранешни европски прваци: Барселона, Кјелце и Вардар, додека во групата се и Рајн-Некар, Веспрем и Кристијанштад.

„Црвено-црните” остварија изненадување уште на стартот со триумфот на гостински терен кај европскиот првак Монпелје, 27-24. Потоа следуваше лесната победа над Кристијанштад со 33-25 пред домашна пупблика. Сезонава Вардар првпат успеа да триумфира на гостински терен кај Веспрем со конечен исход од 27-25, а потоа во Скопје беше победен и Рајн-Некар со 29-27, мечот кој беше избран за дуел на четвртото коло во ЛШ.

Следен предизвик за Вардар е тешкото гостување кај Кјелце, средбата која е закажана за во недела, 14-ти октомври, а потоа во СЦ „Јане Сандански“, на трети ноември доаѓа Мешков Брест.

Се поплави „Камп ноу“

Силните дождови кои деновиве ја зафатија Барселона направија проблем на стадионот „Камп ноу“, кој е една од главните туристички атракции во тој град.

На стадионот имало поплавени делови кај тунелот од којшто се излегува на теренот, па клубот беше принуден да ја смени маршрутата за посетителите, а работниците се фатија за работа и поправка на штетата.

Поради паузата во првенствата за Лигата на нациите, Барса наредниот меч дома го игра на 21-ви октомври, и тоа против Севилја, па имаат доволно време да ги санираат проблемите од поплавата.

Поплава имало и на теренот „Јохан Кројф“, новиот „Мини Естади“, кој треба да биде подготвен за играње мечеви во март. Претседателот на Барселона планираше вчера да оди да види до каде се работите, но мораше да ја откаже визитата.

Шапка долу за репрезентативците од првиот селектор

Првиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Андон Дончевски, денеска присуствуваше на тренингот на националниот тим на комплексот на ФФМ, „Петар Милошевски“.

Дончевски допатува од Австралија на прославата на 25-годишницата од првиот меч на Македонија, во Крањ против Словенија. Чичко Дончо и неговите тогашни избраници и „лавови“ како што тој ги нарекуваше, ќе продефилираат на националната арена „Филип Втори“ пред саботниот меч со Лихтенштајн.

Дончевски во манир на вистински господин, им симна капа на актуелните репрезентативци за резултатите кои ги бележат во последно време, и им посака пласман на Европското првенство.

Чекинато си „чекираше“ меч со Ѓоковиќ

Марко Чекинато ќе биде противникот на Новак Ѓоковиќ во третото коло на Мастерсот во Шангај, кој се игра на тврда подлога. Италијанецот по голема борба, го совлада Хјуан Чанг од Кореја со 4-6, 7-6, 7-6 и си закажа пресметка со одмазнички настроениот Србин.

Кој и да играше со Ноле, ќе беше противник кој годинава го совладал Ѓоковиќ на Гренд слем. Чанг го изненади Ѓоковиќ на Отвореното првенство на Австралија, а Чекинато во четврт-финалето на Ролан Гарос, кој се игра на земјена подлога.

За разлика од пред неколку месеци, кога Ноле загуби од Чекинато, сега тој е во врвна форма и повторно е речиси непобедлив, па на Италијанецот, кој е 21-ви на АТП-листата, воопшто нема да му биде лесно да го повтори подвигот од Париз. Обидот на Ѓоковиќ за одмазда е утре наутро.

Атомската мравка ќе ги буди „аѕурите“ против Украина

Италија и Украина ќе ја искористат паузата во третото коло во Лигата на нациите за да ги одмерат силите во меч од пријателски карактер. Ова ќе биде осма меѓусебна пресметка на овие две селекции, а „аѕурите“ имаат речиси перфектен скор против Украинците со шест победи и едно реми. Меѓутоа, жолто-сините моментално се во подобра позиција, немаат пораз во 2018 година, додека Италија победи само еднаш на последните седум натпревари.

Роберто Манчини на сите начини се обидува да го врати стариот сјај на „аѕурите“, но засега не му успева планот. Најнова идеја на некогашниот тренер на Интер е што го врати Себастијан Џовинко во репрезентацијата, кој никако не добиваше шанса од претходните селектори откако Атомската мравка одлучи да го напушти Јувентус за да игра во МЛС-лигата во тимот на Торонто. Радува враќањето на Верати во составот, додека по критиките кои ги доби Марио Балотели по средбите против Полска и Португалија, напаѓачот на Ница овојпат не беше повикан од Манчини.

На другата страна, Шевченко ќе добие помош од својот асистент Мауро Тасоти за подготвување на тактиката за овој дуел, кој е поранешен член на Италија и Милан. Неговата селекција во мечот ќе влезе со позитивна серија од пет победи и две ремија, со надеж дека нема да биде прекината по оваа средба. По неуспехот да се пласираат на Мундијалот во Русија, кој се одржа летово, Украинците сега имаат големи очекувања во Лигата на нациите, како и во квалификациите за ЕП 2020, а за да се остварат тие очекувања, потребно е да се продолжи оваа позитивна низа за моралот во селекцијата да остане на високо ниво.

Натпреварот Италија – Џенова ќе се игра во Џенова, а мечот ќе биде посветен на сите оние кои настрадаа во неодамнешната трагедија која се случи во градот. Средбата ќе биде прекината на 30 секунди во 43-тата минута, бидејќи толкава е бројката на луѓе кои ги загубија своите животи. Убав гест од Италијанската фудбалска федерација е што се обврза да го финансира школувањето на сите оние деца кои останаа без родители по трагедијата.

Со оглед на фактот дека Италија ќе игра пред своја публика, според коефицинетите се фаворити за овој дуел, со 1.70 квота за „кец“, додека во триумф во корист на Украина квотата е 5.60.

 

Лук Шоу го пропушта дуелот со Јувентус, неизвесен е Матиќ

Нови проблеми во таборот на Манчестер јунајтед, се повредија Лук Шоу и Немања Матиќ. Англискиот лев бек чувствува болки во ногата и засега е непознато колку време ќе треба да паузира, додека медицинскиот тим смета дека нема да биде подготвен за дуелот со Јувентус од Лигата на шампионите, мечот кој е закажан за 23-ти октомври. Шоу иако беше ставен на располагање кај Саутгејт за претстојните натпревари на Англија против Хрватска и Шпанија во Лигата на нациите, тој се врати во тренинг-центарот на Јунајтед, каде што ќе продолжи со рехабилитацијата.

Исто така, на болки во грбот се жали и Немања Матиќ. Српскиот репрезентативец се појави на репрезентативниот собир на „орлите“, меѓутоа тој нема да настапи на средбите против Црна Гора и Романија. Фудбалерот за врска е неизвесен за дуелот против својот поранешен тим Челзи во Премиер лигата, дербито кое ќе се одигра веднаш по завршувањето на репрезентативната пауза, односно три дена пред средбата со Јувентус.

Иако Мурињо го положи првиот испит со Њукасл, му претстојат нови тешки испити во обидот да си ја сочува работата, а ќе мора да се справи со нив без двајцата клучни играчи.