29.8 C
Skopje
сабота, 19 јули 2025
Дома Blog Страница 9586

Чекинато си „чекираше“ меч со Ѓоковиќ

Марко Чекинато ќе биде противникот на Новак Ѓоковиќ во третото коло на Мастерсот во Шангај, кој се игра на тврда подлога. Италијанецот по голема борба, го совлада Хјуан Чанг од Кореја со 4-6, 7-6, 7-6 и си закажа пресметка со одмазнички настроениот Србин.

Кој и да играше со Ноле, ќе беше противник кој годинава го совладал Ѓоковиќ на Гренд слем. Чанг го изненади Ѓоковиќ на Отвореното првенство на Австралија, а Чекинато во четврт-финалето на Ролан Гарос, кој се игра на земјена подлога.

За разлика од пред неколку месеци, кога Ноле загуби од Чекинато, сега тој е во врвна форма и повторно е речиси непобедлив, па на Италијанецот, кој е 21-ви на АТП-листата, воопшто нема да му биде лесно да го повтори подвигот од Париз. Обидот на Ѓоковиќ за одмазда е утре наутро.

Атомската мравка ќе ги буди „аѕурите“ против Украина

Италија и Украина ќе ја искористат паузата во третото коло во Лигата на нациите за да ги одмерат силите во меч од пријателски карактер. Ова ќе биде осма меѓусебна пресметка на овие две селекции, а „аѕурите“ имаат речиси перфектен скор против Украинците со шест победи и едно реми. Меѓутоа, жолто-сините моментално се во подобра позиција, немаат пораз во 2018 година, додека Италија победи само еднаш на последните седум натпревари.

Роберто Манчини на сите начини се обидува да го врати стариот сјај на „аѕурите“, но засега не му успева планот. Најнова идеја на некогашниот тренер на Интер е што го врати Себастијан Џовинко во репрезентацијата, кој никако не добиваше шанса од претходните селектори откако Атомската мравка одлучи да го напушти Јувентус за да игра во МЛС-лигата во тимот на Торонто. Радува враќањето на Верати во составот, додека по критиките кои ги доби Марио Балотели по средбите против Полска и Португалија, напаѓачот на Ница овојпат не беше повикан од Манчини.

На другата страна, Шевченко ќе добие помош од својот асистент Мауро Тасоти за подготвување на тактиката за овој дуел, кој е поранешен член на Италија и Милан. Неговата селекција во мечот ќе влезе со позитивна серија од пет победи и две ремија, со надеж дека нема да биде прекината по оваа средба. По неуспехот да се пласираат на Мундијалот во Русија, кој се одржа летово, Украинците сега имаат големи очекувања во Лигата на нациите, како и во квалификациите за ЕП 2020, а за да се остварат тие очекувања, потребно е да се продолжи оваа позитивна низа за моралот во селекцијата да остане на високо ниво.

Натпреварот Италија – Џенова ќе се игра во Џенова, а мечот ќе биде посветен на сите оние кои настрадаа во неодамнешната трагедија која се случи во градот. Средбата ќе биде прекината на 30 секунди во 43-тата минута, бидејќи толкава е бројката на луѓе кои ги загубија своите животи. Убав гест од Италијанската фудбалска федерација е што се обврза да го финансира школувањето на сите оние деца кои останаа без родители по трагедијата.

Со оглед на фактот дека Италија ќе игра пред своја публика, според коефицинетите се фаворити за овој дуел, со 1.70 квота за „кец“, додека во триумф во корист на Украина квотата е 5.60.

 

Лук Шоу го пропушта дуелот со Јувентус, неизвесен е Матиќ

Нови проблеми во таборот на Манчестер јунајтед, се повредија Лук Шоу и Немања Матиќ. Англискиот лев бек чувствува болки во ногата и засега е непознато колку време ќе треба да паузира, додека медицинскиот тим смета дека нема да биде подготвен за дуелот со Јувентус од Лигата на шампионите, мечот кој е закажан за 23-ти октомври. Шоу иако беше ставен на располагање кај Саутгејт за претстојните натпревари на Англија против Хрватска и Шпанија во Лигата на нациите, тој се врати во тренинг-центарот на Јунајтед, каде што ќе продолжи со рехабилитацијата.

Исто така, на болки во грбот се жали и Немања Матиќ. Српскиот репрезентативец се појави на репрезентативниот собир на „орлите“, меѓутоа тој нема да настапи на средбите против Црна Гора и Романија. Фудбалерот за врска е неизвесен за дуелот против својот поранешен тим Челзи во Премиер лигата, дербито кое ќе се одигра веднаш по завршувањето на репрезентативната пауза, односно три дена пред средбата со Јувентус.

Иако Мурињо го положи првиот испит со Њукасл, му претстојат нови тешки испити во обидот да си ја сочува работата, а ќе мора да се справи со нив без двајцата клучни играчи.

 

Барса ѝ го украде на Рома, а сега не го користи

Барселона летоска плати 41 милион евра за да го доведе Бразилецот Малком од Бордо и предизвика многу контроверзии бидејќи фудбалерот беше пред трансфер во Рома, а сега се покажува дека тоа беа „фрлени пари“.

Ернесто Валверде очигледно воопшто не е воодушевен од Малком и иако Бразилецот е најскапото, засега е најмалку користеното летно засилување на Барса. Малком настапи само на два меча, на кои влегуваше од клупата за резерви.

На последните два меча, против Тотенхем и Валенсија, Малком не беше ниту на клупата, туку надвор од составот. Од клубот побарале трпение од фудбалерот.

„Биди смирен, ќе добиеш шанса да играш“, била пораката која ја добил Малком. Тој засега не покажува знаци на нервоза како Артуро Видал, но неговото купување било само за да се изнервира Рома, која ги елиминираше во ЛШ.

Валверде во една прилика рече дека тој не барал да се донесе Малком, туку дека тоа било одлука на раководството на клубот. На тренерот помило ќе му беше ако останеше Паулињо, кој се врати во Кина.

Аларм во Лион: Капитенот Фекир аут еден месец

Неделата беше катастрофален ден за Лион, прво загубија од ПСЖ со 5-0 на „Паркот на принцовите“, а по тој меч, стигнаа уште полоши вести. Капитенот Набил Фекир се здоби со повреда на глуждот, а според информациите по прегледите, тој ќе ги пропушти следните четири натпревари на Лион. Фекир во дербито против „светците“ не ги издржа болките и го напушти теренот само по седум минути игра.

Закрепнувањето ќе трае околу еден месец, а Лион ќе биде без својот главен играч на средбите против Нимс, Анже и Бордо во францускиот шампионат, додека Французинот нема да настапи и против Хофенхајм во следното коло од Лигата на шампионите. Ова е голем проблем за тимот кој многу зависи од квалитетниот офанзивец.

Реал сезонава се губи на гостински терен

Од шесте официјални натпревари кои Реал Мадрид сезонава ги одигра надвор од Мадрид, тимот на тренерот Хулен Лопетеги има само една победа, а дури четири порази.

Да биде драмата уште поголема, наредното гостување е кај Барселона на „Камп ноу“. Ако и таму не слават, Лопетеги ќе биде во голем проблем, можеби и ќе биде ставен крај на неговото шефување со стручниот штаб, иако засега има полна поддршка од фудбалерите.

Шпанските медиуми објавија дека Реал олку лош старт на гостувањата немал уште од сезоната 1981/82. Кралскиот клуб пред 37 години, на првите шест меча како гостин имаше по три порази и ремија. Тогаш тренер беше Вујадин Бошков, а играчи беа Камачо, Галјего, Штилике, Дел Боске, Хуанито, Сантилјана…

Дома, Реал во шпанската лига собра 10 од можните 12 бода, а и во ЛШ славеше над Рома. Но, проблем се гостувањата, без разлика во кое натпреварување.

„Ураганот“ од Каролина го покоси Ванкувер

Каролина хурикејнс има низа од три победи по ред во хокеарската НХЛ-лига, а овојпат жртва на „ураганите“ беше Ванкувер канакс. Каролина во првата третина даде три гола и го најави триумфот. Сите пет гола за домашниот тим беа дело на пет различни хокеари.

Торонто мејплс лифс против Далас старс покажа зошто е најефикасен тим во лигата и сега канадскиот тим има просек од 5 гола по натпревар по четири одиграни меча. За „ѕвездите“ ова беше прв сезонски пораз.

Илја Ковалчук се врати во НХЛ по пет години и даде гол, но тој погодок не беше доволен за ЛА кингс, кои загубија од Винипег. Нешвил предаторс на својот домашен меч не успеа да постигне гол, па Мајк Смит од Калгари флејмс дојде до 37-миот шут-аут во кариерата.

РЕЗУЛТАТИ: Каролина – Ванкувер 5:3, Колумбус – Колорадо 5:2, Филаделфија – Сан Хозе 2:8, Нешвил – Калгари 0:3, Винипег – ЛА Кингс 2:1, Далас – Торонто 4:7.

Харден е главен во Хјустон, тексашаните го поздравија Скола

Хјустон рокитс беше подобар од Шангај шаркс со 128:86 во мечот на којшто во победничкиот тим најдобар беше Џејмс Харден со 37 поени и девет асистенции. Кармело Ентони не влезе во игра. Кај кинескиот тим, најдобри беа ексиграчот на НБА Џимер Фредет со 41 поен, и 38-годишниот Луис Скола со 18 поени и 12 скока. Аргентинецот Скола е поранешен играч на Хјустон (пет сезони играше за нив).

Лос Анџелес клиперс го победи Денвер нагетс со 109:103, а Оклахома сити тандер по продолжението го совлада Милвоки бакс со 119:115 во другите две синоќешни контролни средби од претсезоната во НБА-лигата.

На дуелот помеѓу Оклахома и Милвоки, на 21,5 секунди до крајот на дополнителниот период, Бартон погоди тројка за 118-115 и на „громовите“ им донесе победа.

Клиперс до победата над „грутките“ дојде благодарение на европскиот тандем Галинари-Марјановиќ. Теодосиќ имаше скромна статистика, а Јокиќ од Денвер играше 12 минути, сосема доволно за Србите да се пофалат дека имале тројца претставници на паркетот.

Кондогбија ќе игра за Централноафриканска Република

Жофрej Кондогбија нема да игра за репрезентацијата на Франција и е подготвен да дебитира во дресот на Централноафриканската Република.

Фудбалерот на Валенсија е роден во Франција, со „галските петли“ (соиграчи му беа Погба, чии браќа настапуваат за Гвинеја, и Умтити, кој постојано ги одбиваше поканите да игра за Камерун) освои златен медал на СП за играчи до 20 години во 2013 година, одигра пет пријателски средби и за сениорскиот национален тим на родната земја, но откако од септември 2015 година наваму не доби повик да игра, одлучи да почне репрезентативна кариера во земјата на неговите родители.

Репрезентацијата на ЦАР никогаш не играла на Африканскиот куп на нациите, па Кондогбија ќе се обиде да им помогне првпат да се пласираат на континенталното првенство. Дебито ќе го има против Брегот на Слоновата Коска.

Пред една недела, Кондогбија играше на „Олд Трафорд“ во меч од Лигата на шампионите, а сега ќе треба да игра во ист тим со момци кои се далеку зад неговите технички и економски можности. Четворица репрезентативци немаат клуб, а селектор им е Раул Савој, швајцарски тренер со шпанско потекло.

Мекгрегор под суспензија еден месец, во најава е многу поголема казна

Конор Мекгрегор заработи едномесечна суспензија од челнците на Ултимејт фајт борењето, а се најавува уште поголема казна.

Ирецот направи инцидент при мерењето на двајцата борци и го нападна Хабиб Нурмагомедов. Потоа се беше историја, во рингот многу подобар беше Нурмагомедов, победи со прекин и се степа со членови на екипата на Мекгрегор. И него го чека казна, според најавите од УФЦ.

По мечот ирскиот борец беше нападнат во рингот од дел од тимот на Нурмагомедов, но снимките покажаа дека тој испровоцирал инцидент, за што може да биде дополнително казнет.