Кошаркарскиот клуб Панатинаикос официјално го објави прекинот на соработката со турскиот тренер Ергин Атаман. ПАО, кој имаше екстра скап состав, не стигна до фајналфор во Евролигата, кој се играше во нивната сала во Атина, а не стана ни првак на Грција.
Со ова се стави крај на мандатот на тренерот кој пристигна во Атина во летото 2023 година со задача да го врати славниот клуб меѓу најдобрите тимови во Европа. Успеа во тоа, Панатинаикос во 2024 ја освои Евролигата, но неуспесите сезонава не му беа простени.
Зелените објавија трогателно видео на социјалните мрежи на клубот, пишувајќи „Ти благодарам Ергин“, а турскиот тренер испрати своја порака за збогум.
„Ви благодарам г-дине Јанакопулос! Имав фантастично време во Атина, во оваа прекрасна земја и горд сум што работев со Панатинаикос и семејството Јанакопулос. Секако, горд сум што ги доделив овие четири прекрасни трофеи во овие три години. Пред сè, титулата во Евролигата. До крајот на животот ќе ги паметам овие денови, неверојатните навивачи, неверојатната поддршка од семејството Панатинаикос за сите нас. Исто така сум горд на напорите за придонес кон односите меѓу двете земји, Турција и Грција. Затоа, многу ви благодарам за овие три години што ги поминавме заедно“, рече Атаман.
Прв пик за нов тренер на Зелените детелинки е Жељко Обрадовиќ, човекот кој им донесе пет европски титули, а без работа е од пред неколку месеци, кога си замина од Партизан.

