Парондо: Јас сум виновен што не игравме добро

Вардар ја оствари осмата победа сезонава во СЕХА-лигата, го совлада Металург со минимални 27:26 и имаме уште три натпревари пред да почнат подготовките на репрезентацијата.

„Најважно е дека победивме. Потребни ни беа овие бодови, па затоа сме задоволни. Јас лично ја преземам одговорноста за нашата лоша игра, бидејќи моја беше одлуката да им дадам малку одмор на некои од првотимците. Сакав да ги одморам по тешкиот дуел со Кјелце“, изјави тренерот Роберто Парондо.

Еден од јунаците на Вардар беше младиот голман Марко Кизиќ, кој ја прикажа најдобрата партија во кариерата.
„Добро се подготвував за овој натпревар. Секогаш кога се игра со Металург, натпреварот е тежок. Ние ја имавме фаворитската улога и постоеше притисок. Покрај тоа, ни фалеа и некои важни играчи. На крај успеавме да го изменаџираме мечот и да победиме, иако играта не ни беше каква што посакувавме“, рече Кизиќ.

Тренерот на „металурзите“, Данило Брестовац, смета дека тимот играл добро, но му фалела тактичка дисциплина.

„Добро игравме во овој период од сезоната, но ни недостасува тактичка дисциплина. Претпоставувам дека причината е што играчите се млади и неискусни. Добро се подготвувавме, го анализиравме Вардар и мора што побрзо да го применуваме тоа што го договараме и тренираме. Генерално, задоволен сум како му се спротивставивме на многу силниот противник“, изјави Брестовац.

 

- Оглас -

Најнови вести