Педрињо се срами што е Португалец: Продаваме играчи за 120 милиони евра и играме фудбал на терен без линии

Интересен случај имаше во една од најразвиените фудбалски земји во Европа, во Португалија, а во фокусот беше мечот меѓу Санта Клара и Пасош Фереира, што заврши со победа на домаќините од 2:1.

Гостите бараа мечот да се одложи бидејќи линиите на теренот не беа маркирани и едвај се познаваа границите на фудбалското игралиште на стадионот „Сао Мигел“ во Понта Делгада.

Бурно реагираа претставниците на Фереира, а најгласен и многу остар беше крилниот играч Педрињо.

„Се срамам што сум Португалец. На ваков терен не се игра ниту во петта лига, а да не зборуваме за натпревар од највисок ранг во Португалија. Продаваме играчи за рекордни суми од 120 милиони евра во Шпанија, го промовираме фудбалот и потоа се срамиме на ваков начин. Па јас сум од Фреамунде, каде што цел месец врне, па вакво нешто нема шанси да се случи. Дојдовме да играме фудбал во една од најсилните лиги на светот и не дочекаа со немаркиран терен. Сè што правиме добро ние фудбалерите, некој како намерно да го урива. Не ѝ личи ова на земја што е европски првак“, изјави Педрињо.

Неговата изјава наиде на бура од коментари во Португалија, а грото од фудбалските симпатизери се согласуваат со Педрињо. Во Португалија во ек е и голема афера со Бенфика по објавениот список со имиња на 44 судии кои добивале гратис влезници за мечевите на европскиот фудбалски гигант.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести