Пелистер го победи ТФТ во Скопје и закажа финале против МЗТ Скопје Аеродром

Пелистер славеше на гости во Скопје против ТФТ со 84:82, триумф со кој битолчани си обезбедија место во финалето на кошаркарскиот плејоф. Во борба за трофејот, Пелистер ќе игра против МЗТ Скопје Аеродром, тимот кој е актуелен бранител на тронот.

Домаќините добро го отворија мечот и поведоа со 9:5, но битолчани брзо возвратија, па стигнаа до 18:18. Потоа следуваше серија од 10:2 за гостите и зелено-белите поведоа со 28:20, а по првиот дел водеа со седум разлика (34:27).

Во втората четвртина, гостите постојано го контролираа резултатот и имаа предност која максимум изнесуваше седум разлика (44:37), а на полувреме заминаа со предност од 50:45.

ТФТ на стартот од второто полувреме со низа од 9:2 стигна до водство од 54:52, па до крајот на овој квартал резултатот не беше со повеќе од пет поени во нечија корист. За тоа колку беше неизвесна последната четвртина, говори и фактот дека имаше дури девет промени на водството, но битолчани беа посмирени и посконцентрирани во клучните моменти.

При водство на ТФТ од 78:77, гостите со серија од 5:0 стигнаа до 82:78, а потоа ТФТ намали на 79:82. Домаќините имаа напад за нерешено, но Костовски имаше еден избрзан шут за три поени кој го промаши на 14 секунди до крајот, а потоа Пелистер рутинирано ја доврши работата за победа и пласман во финалето.

- Оглас -

Најнови вести