Перес сака нов „галактико“, Реал тргнува по потписот на Дибала

Елиминацијата во осминафиналето од Лигата на шампионите го натера Флорентино Перес да се вклучи на фудбалскиот пазар и да бара нов „галактико“, а се чини дека го најде во Торино, поточно во редовите на старо-новиот италијански шампион. Кралевите во претстојниот преоден рок ќе атакуваат по потписот на Пауло Дибала, ѕвездата на Јувентус.

Од Италија се проширија шпекулации дека Реал е подготвен да исплати 100 милиони евра во кеш за аргентинската ѕвезда, а во понудата да вклучи еден од Иско или пак Тони Крос. Шпанецот се проценува на 60 милиони евра, додека искусниот Крос држи цена до 50 милиони евра на пазарот, што би значело дека трансферот на Дибала би чинел повеќе од 150 милиони евра.

Намерите на Реал може да ги поматат сметките на Јувентус, кои пак се обидуваат да го задржат Дибала на „Алијанц“ со нов договор, меѓутоа „дијамантот“ бара 15 милиони евра годишна плата. Во Торино стравуваат да не го загубат играчот во кого гледаат иден капитен на екипата, особено по најавите дека и Кристијано Роналдо може да си замине ова лето.

- Оглас -

Најнови вести