Пирло откри која е причината за катастрофалниот пораз од Фиорентина

Италијанскиот првак Јувентус го претрпе првиот пораз во Серија А сезонава и тоа беше катастрофален. На свој терен во Торино, гигантот загуби од Фиорентина со 0:3. За Јувентус ова е само третпат во последнава декада дома да загуби со три гола разлика. Претходно тоа им успеало само уште на Парма (4:1) во првенството и на Реал Мадрид (3:0) во Лигата на шампионите.

Вчера дефинитивно не беше добар ден за Јувентус затоа што само неколку часа пред мечот со Фиорентина, Јувентус ја дозна одлуката на Судот да ја прифати жалбата на Наполи и неодиграниот меч против Старата дама сепак да мора да се одигра. Тоа значеше дека на Јувентус му се одземаат трите бода кои му беа доделени на „зелена маса“, а потоа загуби уште три од Фиорентина.

Тренерот Андреа Пирло се обиде да најде објаснување за поразот во фактот дека пристапот на играчите бил лош.

„Одлуката да се одигра мечот против Наполи не смее да ни биде алиби за поразот. Имавме лош пристап кон мечот, а кога тоа ќе се случи, се доаѓа до несакани ситуации. Не може да се случи пред последниот меч пред Божиќ играчите веќе да размислуваат за одморот. Бевме слаби, нефокусирани и затоа загубивме“, рече разочараниот Пирло, кој додаде дека е многу тешко да се игра речиси 80 минути со игра помалку.

Запрашан за тоа што мисли на одлуката дека сега Јувентус ќе мора да го игра мечот против Наполи, Пирло вели дека не беше од дуел на теренот.

„Нема да зборувам дали пресудата е точна или не, но сигурно не е фер кон оние екипи што беа во многу полоша ситуација со заразени фудбалери од корона-вирусот, но сепак ги играа своите мечеви. Немаме проблем да го одиграме мечот“, порачува Пирло.

Јувентус има 24 бода, дури седум помалку од лидерот Милан, кој вечерва го очекува дерби-дуелот против Лацио.

 

- Оглас -

Најнови вести