Пјонтек на дербито против Лацио ќе брка историја во Серија А

Кжиштоф Пјонтек дефинитивно е играчот кој ја одбележува сезоната во Серија А. Полјакот дојде како непознат играч во редовите на Џенова и веднаш блесна. Во дресот на Џенова даде 13 погодоци во Серија А, а тоа беше знак дека по само една полусезона, ќе си замине од Џенова.

Милан веднаш реши да реагира и во јануари го доведе на „Сан Сиро“. Овој потег на „росонерите“ се покажа како исправен бидејќи Пјонтек го смени дресот, но ги задржа навиките да ги тресе мрежите на противничките екипи. Откако е дојден во Милан, Полјакот има постигнато осум погодоци во италијанското првенство и му недостасуваат уште два гола за да стигне до двоцифрен број на голови и како играч на Милан.

Ако тоа го направи Пјонтек ќе биде првиот играч во историјата на Серија А, кој успеал во една сезона да даде двоцифрен број на погодоци во дресовите на два различни клубови.

Првата шанса за тоа да го направи Пјонтек ќе ја има вечерва на „Сан Сиро“ каде гостува Лацио, во дербито на ова коло. Милан мора да брка победа, ако сака да не го загуби четвртото место на табелата, кое води во Лигата на шампиони за следната сезона.

 

- Оглас -

Најнови вести